„ОД 0 ДО КУЛТУРА“ ПОВТОРНО ЌЕ ЈА ИСПОЛНИ КАМЕНАТА БИНА СО КВАЛИТЕТНА МУЗИКА – СТАРТУВА СО ВЕЧЕР ПОСВЕТЕНА НА ЖЕНИТЕ ВО БЛУЗОТ

Сподели на социјалните мрежи

Општина Прилеп и ова лето продолжува со реализацијата на проектот „Од 0 до КултурА“, кој веќе неколку години по ред преку концерти на отворено им нуди на прилепчани можност да уживаат во квалитетна музика и да се запознаат со значајни имиња и правци од светската музичка сцена.
Проектот е замислен како иницијатива за музичко и културно описменување на граѓаните, но и како простор за промоција на локални и македонски музичари. Преку тематски музички вечери, публиката има можност да ги открива вистинските музички вредности и да ужива во внимателно подготвени концертни програми.
Годинашното издание започнува на 18 јуни на Камената бина пред споменикот „Александар Македонски“, а честа да го отвори циклусот концерти ја има прилепската група Crossroad Blues Band Reloaded со концертот „Жените во блузот“.
Концертот е посветен на најголемите женски имиња кои оставиле силен печат во историјата на блуз музиката. Вокалистките Александра Трајческа и Викторија Георгиоска ќе изведат безвременски светски блуз класици, носејќи ја на сцената емоцијата, страста и енергијата што го прават блузот еден од највлијателните музички жанрови.
Crossroad Blues Band е една од најпрепознатливите прилепски блуз формации, која повеќе од две децении активно ја негува и промовира блуз музиката во Македонија и регионот. Во последните години бендот настапува со обновен состав и нов авторски материјал, задржувајќи го препознатливиот блуз израз и енергијата по која е познат.
Почетокот на концертот е закажан за 20 часот.


Сподели на социјалните мрежи