Љубителите на современата визуелна уметност на 19 јуни (петок) ќе имаат можност да ја посетат изложбата „Фузија 3“ на авторот Христијан Томан, која ќе биде отворена во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп со почеток во 18:30 часот.
На изложбата ќе бидат претставени триесетина дела – дигитални илустрации и цртежи во помал формат, изработени во А3 и А4 формат. Преку нив, авторот истражува различни визуелни пристапи и креативни концепти, спојувајќи книжевни класици, традиционална илустрација и текстуралната едноставност на графиката.
„Во мојот визуелен израз се стремам кон дигитална синтеза на книжевните класици, традиционалната илустрација и текстуралната едноставност на графиката. Инспириран сум од безвремената литература и симболи и настојувам да ги реинтерпретирам овие приказни преку различни стилови и сопоставувања, премостувајќи го минатото и сегашноста и нудејќи им на гледачите поинаква перспектива на познатите наративи“, вели авторот.
Христијан Томан е роден во 1985 година во Струга. Дипломирал на Факултет за ликовни уметности – Скопје, на отсекот графика, насока графички дизајн. Работел како едукатор за визуелни уметности и дизајн, а активно се занимава со графички дизајн и илустрација. Еден е од основачите на здружението ИНКА, а од 2018 година работи како соработник за визуелни уметности во НУЦК „Браќа Миладиновци“ – Струга.
Изложбата „Фузија 3“ претставува нова можност прилепската публика да се запознае со творештвото на Христијан Томан и неговиот препознатлив уметнички израз, преточен во дела што ја нагласуваат моќта на дигиталната уметност и цртежот како медиум на современата визуелна комуникација.
















