Во рамките на програмата „Еразмус+“, проф. д-р Петранка Мидова од Катедрата за трговија при Економската академија „Димитар А. Ценов“ во Свиштов, Бугарија, реализираше академска мобилност и работна посета на Економскиот факултет – Прилеп.
За време на престојот беа разгледани можностите за понатамошно унапредување на меѓуинституционалната соработка преку организација на заеднички тркалезни маси, работилници и научни конференции, како и преку размена на едукативни материјали, научни публикации и добри практики во областа на високото образование.
Посебен акцент беше ставен на можностите за студиски престои и мобилност на студенти, наставен и административен кадар, што претставува значаен сегмент во процесот на интернационализација на современото високо образование.
Оваа посета е резултат на веќе воспоставената успешна соработка меѓу двете високообразовни институции и претставува важен чекор кон нејзино натамошно продлабочување. Воедно, таа отвора нови перспективи за реализација на заеднички академски и научноистражувачки проекти, насочени кон унапредување на квалитетот на образовниот процес и јакнење на меѓународната академска размена.
Ваквите иницијативи потврдуваат дека соработката меѓу образовните институции е еден од клучните двигатели на научниот развој, размената на знаења и градењето на современо европско академско опкружување.
















