Прилепската публика вечерва ќе има можност да го проследи премиерното прикажување на филмот „Девојките на Марко“, најновиот проект на драмската секција „Слободно театарче“ при СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп.
Премиерата ќе се одржи на 18 јуни (четврток), со почеток во 20 часот, во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Филмот е работен по мотиви на истоимениот роман на македонската писателка Оливера Николова и обработува теми кои и денес се особено актуелни – значењето на семејството, меѓучовечките односи, другарството, чесноста, одговорноста и пожртвуваноста.
Директорката на училиштето, Жанета Видевска, истакна дека проекцијата на „Девојките на Марко“ е последниот настан со кој СОУ „Ѓорче Петров“ ја заокружува оваа учебна година. Таа потсети дека драмската секција, која под менторство на професорката Билјана Тинтоска работи веќе 27 години, зад себе има бројни успешни театарски претстави и краткометражни филмови, но дека ова е првиот долгометражен филмски проект на секцијата, во кој целосно доаѓа до израз талентот на учениците и долгогодишната посветеност на нивните ментори.
Според професорката и раководител на драмската секција, Билјана Тинтоска, идејата била да се создаде филмски проект кој ќе ги допре вредностите што денес полека опаѓаат во општеството.
„Сакавме преку талентот на нашите ученици да ги прикажеме вредностите на семејството, другарството и меѓучовечките односи. Затоа се одлучивме за ‘Девојките на Марко’, роман кој на младите им е близок и препознатлив“, истакна Тинтоска.
На филмот работеле 16 млади луѓе – ученици и членови на драмската секција, а целиот процес, од читањето на романот и драматизацијата до снимањето и монтажата, траел седум до осум месеци.
Режисерот Филип Стојаноски посочи дека секоја сцена внимателно се подготвувала за публиката што поблиску да ја почувствува атмосферата и пораките на делото.
„Имавме околу 70 часа снимање и навистина уживавме во целиот процес. Сè што е во филмот е создадено од нас и од самите ученици – од актерската игра, до музиката и целокупната реализација. Театарот останува наша најголема љубов, но ова е нашето прво посериозно навлегување во филмската уметност“, рече Стојаноски.
Филмот е целосно снимен во Прилеп, на повеќе локации низ градот, а првите кадри започнуваат токму со снимки од Прилеп, што му дава дополнителен локален печат на проектот.
Младите актери Исидора Николоска и Тоше Тодороски, кои се дел од актерската екипа на филмот, во своите изјави на прес-конференцијата истакнаа дека преку „Девојките на Марко“ сакале да потсетат дека, и покрај брзиот и дигитален начин на живот, постојат вредности што не смеат да се изгубат – дружењето, љубовта, пожртвуваноста и меѓусебната грижа. Тие порачаа дека младите треба да веруваат дека може убаво да се живее и да се создава во сопствениот град и дека токму тие можат да придонесат за градење подобро и похумано општество.
„Среќата доаѓа од средбата и дружењето. Тоа е пораката што сакаме младите да ја запомнат“, порача професорката Тинтоска.
Во актерската екипа настапуваат Тоше Тодороски, Филип Сотиров, Марко Стојаноски, Исидора Николоска, Филип Стојаноски, Марија Стеваноска, Марија Котева, Тамара Димитриеска, Викторија Костадиноска, Ивана Ангелеска, Марта Шаркоска и Саша Бошков.
Техничката реализација е поддржана од Вилијам Спиркоски, Сара Павлоска и Михаил Тркалески, проектот е реализиран под менторство на професорката Билјана Тинтоска, во режија на Филип Стојаноски, а продуцент на филмот е Дамјан Аврамоски.
Цената на билетот изнесува 150 денари, а собраните средства ќе бидат наменети за хуманитарни цели. На прес-конференцијата беше соопштено дека сите билети за премиерното прикажување се веќе распродадени, а најавено е дека следните проекции на филмот ќе се одржат на есен.

















