Прилеп повторно ќе биде домаќин на една од најголемите и најпрепознатливи летни манифестации во Македонија. На денешната прес-конференција беше официјално најавено 23-тото издание на Пиво Фестивал, кое ќе се одржи од 17 до 19 јули 2026 година.
Според најавите, фестивалот и оваа година ќе понуди три вечери исполнети со богата музичка програма, препознатливата прилепска скара, разновидна понуда на пиво и забавна атмосфера во центарот на градот. Настанот се реализира со поддршка од Општина Прилеп и во организација на здружението „Vibe Event“.
Градоначалникот Дејан Проданоски истакна дека локалната самоуправа, јавните претпријатија и надлежните институции веќе активно работат на сите организациски и логистички подготовки со цел Прилеп повторно успешно да ги пречека илјадниците посетители кои традиционално пристигнуваат од целата држава и од странство.
Пиво Фестивал се изгради во еден од најзначајните летни фестивали во земјата, препознатлив по спојот на музиката, гастрономијата и добрата забава. Со своето 23-то издание, манифестацијата повторно ќе го претвори Прилеп во една од најатрактивните летни дестинации во Македонија.
Организаторите веќе ја објавија и музичката програма за трите фестивалски вечери, најавувајќи уште едно незаборавно издание на Пиво Фестивал 2026 – Прилеп.

















