„ДЕВОЈКИТЕ НА МАРКО“ ЈА ВООДУШЕВИЈА ПУБЛИКАТА – СТОЕЧКИ ОВАЦИИ ЗА „СЛОБОДНО ТЕАТАРЧЕ“

Сподели на социјалните мрежи

Преполната голема сала на НУЦК „Марко Цепенков“ синоќа беше сведок на уште едно значајно културно случување во Прилеп – премиерното прикажување на долгометражниот филм „Девојките на Марко“, подготвен од Драмската секција „Слободно театарче“ при СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп.
Филмот, снимен по мотиви на истоимениот роман на Оливера Николова, а во режија на Филип Стојаноски, трае 140 минути и претставува резултат на речиси осуммесечна работа и посветеност на тим од 16 ученици и соработници. Самата реализација на еден ваков проект е потврда за креативноста, истрајноста и сериозниот пристап на младите луѓе кон уметничкото творештво.
Младите актери и целиот тим што работеше на проектот покажаа исклучителен ентузијазам, одговорност и љубов кон уметноста, создавајќи впечатливо филмско остварување кое беше наградено со долги и громогласни аплаузи од публиката.
Еден од најемотивните моменти на вечерта беа спонтаните стоечки овации за професорката Билјана Тинтоска, која веќе 27 години ја води драмската секција „Слободно театарче“. Аплаузот од публиката беше искрен израз на почит за нејзината долгогодишна посветеност на учениците и на театарската уметност.
По премиерата, професорката Тинтоска им оддаде признание на своите ученици и на целиот тим што учествуваше во подготовката на филмот, истакнувајќи дека е чест да се работи со млади луѓе кои преку својата креативност, одговорност, пожртвуваност и љубов покажуваат како се сака училиштето, родниот град и татковината.
Синоќешната премиера уште еднаш потврди дека „Слободно театарче“ не е само драмска секција, туку вистинска креативна заедница на млади луѓе кои преку уметноста испраќаат силни човечки пораки и оставаат траен белег во културниот живот на Прилеп.
Публиката која не успеа да присуствува на премиерата ќе има можност да го погледне филмот и наесен, кога се планираат нови проекции на „Девојките на Марко“, со што ова значајно остварување на младите прилепски творци ќе допре и до поширока публика.


Сподели на социјалните мрежи