УСПЕШНО ЗАВРШУВА ВТОРАТА ШКОЛА ЗА МОЗАИК ВО ПРИЛЕП – МЛАДИТЕ ТВОРЦИ СОЗДАВАА УМЕТНОСТ И СТЕКНУВАА НОВИ ЗНАЕЊА

Сподели на социјалните мрежи

Со денешните активности завршува втората Школа за мозаик, што од 17 до 19 јуни се одржуваше во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Во тридневната работилница учествуваа петнаесетина ученици од повеќе прилепски основни и средни училишта, кои преку практична и теоретска работа имаа можност да се запознаат со светот на мозаичната уметност и да ги совладаат основните и напредните техники за изработка на мозаици. Програмата опфатила предавања за историјата на мозаикот, подготовка на материјали, композиција и практична изработка на уметнички дела, при што учесниците работеа во инспиративна и креативна атмосфера.
Под менторство на м-р Александра Димитрова и со координација на Марјан Стојановски, младите учесници работеа со различни материјали и техники, создавајќи сопствени авторски композиции и стекнувајќи нови креативни искуства.
Како што истакнува координаторот на проектот Марјан Стојановски, годинашната школа поминала во одлична и инспиративна атмосфера, а учесниците покажале голема љубопитност, трпеливост и креативност во текот на целиот процес. „Квалитетот на изработените дела и позитивните реакции од учесниците се најдобар показател дека школата ја исполни својата едукативна и уметничка цел“, посочува Стојановски.
Тој додава дека различната возраст и искуство на учесниците придонеле за богата размена на идеи и искуства, што дополнително го збогатило процесот на работа.
Работилницата е организирана од НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, сектор ликовна дејност, а финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам, како и од општествено одговорни компании, кои придонеле за нејзина успешна реализација и обезбедување квалитетни услови за работа.
Од Центарот за култура информираат дека поради големиот интерес и успешната реализација, се планира изложба на која ќе бидат претставени делата од годинашната школа, заедно со оние создадени во првото издание во 2025 година, со што јавноста ќе има можност да се запознае со творештвото на младите автори.
Исто така, најавено е дека проектот ќе продолжи и во наредната година, со цел негово надградување и збогатување со нови содржини. Како што истакнува Стојановски, силниот интерес од младите и позитивните резултати се поттик школата за мозаик да продолжи и во иднина како значаен едукативно-уметнички проект во градот.


Сподели на социјалните мрежи