Со одлична атмосфера, квалитетна музика и бројна публика, синоќа на Камената бина во центарот на Прилеп беше отворено годинашното издание на проектот „Од 0 до КултурА“, кој и ова лето продолжува да ја збогатува културната понуда во градот.
Честа да го отвори циклусот концерти ја имаше прилепскиот состав Crossroad Blues Band Reloaded со концертот „Жените во блузот“, посветен на најголемите женски имиња кои оставиле неизбришлива трага во историјата на блуз музиката.
Публиката уживаше во изведбите на безвременски блуз класици, кои на сцената ги донесоа вокалистките Александра Трајческа и Викторија Георгиоска, пренесувајќи ја емоцијата, страста и енергијата што го прават блузот еден од највлијателните музички жанрови во светот. На сцената настапи и Давид Нешкоски, вокалист и гитарист на бендот, кој заедно со останатите членови на групата приреди концерт што беше одлично прифатен од присутните.
Crossroad Blues Band е едно од најпрепознатливите имиња на македонската блуз сцена. Формиран во 1997 година, бендот зад себе има богата музичка историја, бројни настапи низ Македонија и регионот, како и неколку студиски изданија со кои остави значаен белег во домашната блуз музика. Во последните години бендот настапува во обновен состав и создава нов авторски материјал, задржувајќи го препознатливиот музички израз по кој е познат.
Концертот ја продолжи традицијата на манифестацијата „Од 0 до КултурА“, проект на Општина Прилеп чија цел е музичко и културно збогатување на граѓаните, но и промоција на локални и македонски музичари. Преку внимателно избрани концертни програми, публиката има можност да се запознае со различни музички правци и да ужива во квалитетни културни содржини на отворено.
Прилепчани со задоволство го поздравија почетокот на новото издание на манифестацијата, која веќе стана препознатлив дел од летниот културен живот во градот. Концертот на Crossroad Blues Band Reloaded уште еднаш покажа дека Камената бина останува едно од омилените места за културни случувања во Прилеп и простор каде публиката може да ужива во квалитетна музика под отворено небо.
Следниот концерт во рамките на „Од 0 до КултурА“ е закажан за 25 јуни (четврток) од 21 часот на Камената бина, каде пред прилепската публика ќе настапи младата прилепска група „Кнап“.
















