„ВЕЧЕР НА ФРАНЦУСКИ ПЕСНИ“ ВО ЦЕНТАРОТ ЗА КУЛТУРА „МАРКО ЦЕПЕНКОВ“

Сподели на социјалните мрежи

Љубителите на класичната музика и француската музичка традиција ќе имаат можност да уживаат во концертот „Вечер на француски песни“, кој ќе се одржи на 26 јуни (петок) со почеток во 19 часот во фоајето на НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.
На концертот ќе настапат сопранот Билјана Бајевска и пијанистката Јанинка Невчева, две истакнати македонски музички уметници со богато професионално искуство на домашната и меѓународната сцена.
Публиката ќе има можност да проследи внимателно избрана програма составена од дела на големите француски композитори Клод Дебиси, Морис Равел и други автори, чии композиции претставуваат значаен дел од европското музичко наследство.
Билјана Бајевска е дипломиран оперски пејач, која своето високо музичко образование го стекнала на Државната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Од 2007 година е член на хорот на Националната опера и балет во Скопје, а зад себе има бројни солистички настапи и учества во музички и едукативни проекти.
Пијанистката Јанинка Невчева дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а своето усовршување го продолжила во Париз. Во текот на својата кариера настапувала во повеќе европски земји и била дел од бројни фестивали и камерни состави. Од 2006 година работи како корепетитор во Националната опера и балет, а нејзината уметничка дејност опфаќа и педагошка работа, интердисциплинарни проекти и снимања на современа музика.
Концертот е поддржан од Министерството за култура и туризам и претставува уште една можност прилепската публика да ужива во врвна музичка изведба и во богатството на француската музичка традиција.


Сподели на социјалните мрежи