ЉУБОВТА КОН КНИГАТА ЗАПОЧНУВА ВО БИБЛИОТЕКАТА: ПЕДЕСЕТИНА ДЕЦА ОД „НАША ИДНИНА“ ГО ОТКРИВАА МАГИЧНИОТ СВЕТ НА КНИГИТЕ

Сподели на социјалните мрежи

Педесетина деца од претшколска возраст од ЈОУДГ „Наша иднина“ – Прилеп вчера ја посетија ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“, каде што преку дружење со книгите и библиотекарите го направија својот прв посериозен чекор кон светот на читањето.
Посетата беше реализирана во рамките на проектот „Љубовта кон книгата се раѓа во библиотеката“, чија цел е кај најмладите уште од најрана возраст да се развива интерес за книгите, читањето и библиотеките како места за учење, дружење и откривање нови светови.
Малите посетители имаа можност да се запознаат со Детскиот оддел на библиотеката, кој неодамна е повторно опремен и ставен во функција за најмладите читатели. Со скромни финансиски средства, но со многу посветеност и ентузијазам, раководството на библиотеката создаде пријатен и инспиративен простор во кој децата можат да го откриваат богатството на книгите и да ги направат своите први читателски чекори.
За време на посетата, децата разгледуваа сликовници и книги наменети за нивната возраст, слушаа детски бајки прочитани од библиотекарите и преку разговор и интерактивни содржини дознаа повеќе за значењето на книгата и улогата на библиотеката во нивното секојдневно растење и учење.
Посебен интерес кај најмладите предизвика креативниот перформанс на библиотекарите, кои на непосреден и интересен начин им го претставија магичниот свет на книжевноста. Настанот беше осмислен и координиран од Градската библиотека „Борка Талески“, предводена од директорката Андријана Ристеска, а во неговото организирање и реализација свој придонес дадоа и библиотекарката Верче Искова од ООУ „Блаже Конески“ – Прилеп и раководителката на градинката „Гоце Делчев“ Елеонора Костоска Јованоска, со кои е договорено продолжување на соработката преку нови заеднички активности. Со ваквите иницијативи библиотеката настојува да создава нови генерации читатели и да се афирмира како отворен, жив и привлечен простор за најмладите.
Проектот „Љубовта кон книгата се раѓа во библиотеката“ е дел од годишната програма на библиотеката и се реализира во соработка со ЈОУДГ „Наша иднина“ – Прилеп.


Фото: ФБ на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп


Сподели на социјалните мрежи