„ГОСПОЃА БОВАРИ“ ПРЕМИЕРНО НА СЦЕНАТА НА НАРОДНИОТ ТЕАТАР БИТОЛА – ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ ПОСТАВУВА НОВО ЧИТАЊЕ НА КЛАСИКАТА НА ФЛОБЕР

Сподели на социјалните мрежи

НУ Народен театар Битола оваа недела ќе ја одржи премиерата на претставата „Госпоѓа Бовари“, работена по истоимениот роман на францускиот писател Гистав Флобер, во режија на Дејан Пројковски.
Премиерната изведба е закажана за 25 јуни (четврток), со почеток во 20 часот, на Големата сцена на Народниот театар Битола.
Во улогата на Ема Бовари настапува Маја Андоновска Илијевски, додека нејзиниот сопруг Шарл го игра Иван Јерчиќ. Во актерската екипа се и Огнен Дранговски како Родолф, Никола Стефанов како Леон, Мартин Мирчевски како Лере, Сандра Грибовска Илиевска, Петар Мирчевски, Борче Ѓаковски и Ива Лазарова. Во претставата учествува и Камерниот оркестар Битола.
Авторскиот тим го сочинуваат драматургот Сашо Димовски, сценографот Валентин Светозарев, костимографот Андреј Ѓоргиевски, кореографката Олга Панго, композиторот Горан Трајкоски и видео дизајнерот Сергеј Светозарев.
Во пресрет на премиерата, на 24 јуни (среда), со почеток во 11 часот, на Големата сцена на Народниот театар Битола ќе се одржи прес-конференција на која режисерот, актерската екипа и авторскиот тим ќе ги претстават своите размислувања и искуства од процесот на создавање на ова ново сценско остварување.
„Госпоѓа Бовари“ е едно од најзначајните дела на светската книжевност, а битолската поставка носи ново сценско читање на приказната за Ема Бовари – жена која, во потрага по љубов, страст и поинаков живот, се соочува со судирот меѓу сопствените соништа и реалноста.


Сподели на социјалните мрежи