Економскиот факултет во Прилеп во континуитет ја развива својата меѓународна соработка преку програми за академска размена и заеднички научни активности.
Во периодот од 22 до 26 јуни, Економскиот факултет во Прилеп е домаќин на професори од Полска и Бугарија, кои реализираат студиски престој и обука во рамките на активностите за меѓународна академска соработка.
Во Прилеп престојуваа професорите Ewa Łosiewicz-Dniestrzańska и Piotr Dniestrzanski од Универзитетот по економија и бизнис во Вроцлав, Полска, како и Свилен Столаров од Економскиот универзитет во Варна, Бугарија.
За време на посетата беа одржани работни средби со претставници на факултетот, на кои се разговараше за можностите за продлабочување на меѓуинституционалната соработка. Посебен акцент беше ставен на подготовката на заеднички научноистражувачки трудови, аплицирање на меѓународни проекти, организација на научни конференции, семинари и други активности од заемен интерес.
Од Економскиот факултет – Прилеп истакнуваат дека ваквите посети претставуваат значаен придонес во развојот на меѓународната соработка и отвораат нови можности за размена на знаења, искуства и добри практики меѓу академските институции.
Студискиот престој на професорите од Полска и Бугарија претставува уште еден чекор кон зајакнување на академските врски и создавање основа за реализација на идни заеднички иницијативи кои ќе придонесат за развојот на високото образование и научноистражувачката дејност.
















