Летната школа на Универзитетот во Падерборн претставуваше непроценливо искуство, преку кое со гордост го претставивме нашиот Факултет и Универзитет на меѓународно ниво. Стекнатите знаења, новите искуства и меѓународната соработка ќе бидат силна мотивација за нашиот понатамошен академски и професионален развој, вели Садије Асанова, магистрантка на студиската програма Криминалистика.
Горди сме што бевме амбасадори на знаењето, соработката и академската извонредност. Падерборн ни донесе нови пријателства, нови перспективи и уште поголема мотивација за иднината“, истакнува студентот Едо Хусковиќ.
За Марија Јошеска, студентка од четврта година, учеството на Libori Summer School 2026 било можност за личен и академски развој. – Имав можност јавно да ги презентирам моите ставови, да учествувам во различни дискусии и да разменувам мислења со студенти и професори од повеќе европски универзитети. Тоа ми помогна да слушнам различни перспективи, да развијам критичко размислување и дополнително да ги унапредам моите комуникациски вештини. Ова е искуство што искрено би им го препорачала на сите студенти.“

Со овие позитивни впечатоци студентите го сумираат своето учество на меѓународната БИП програма (Blended Intensive Programme) – Libori Summer School 2026, која се одржа од 26 до 31 јули 2026 година во Падерборн, Германија.
Факултетот за безбедност – Скопје успешно го претставија Марија Јошеска, студентка од четврта година, Едо Хусковиќ, студент од трета година, и Садије Асанова, магистрантка, сите од студиската програма Криминалистика. Со своето учество тие достојно го претставија Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во рамките на програмата Еразмус+ и Алијансата КОЛОРС.
Тимот на УКЛО го предводеше проректорката, проф. д-р Светлана Николоска, во улога на ментор, додека значаен придонес во подготовката на студентите даде и проф. д-р Марина Малиш Саздовска. Таа учествуваше во подготовката на апстрактот врз основа на кој студентите успешно аплицираа, а нивната презентација беше прифатена за учество на оваа престижна меѓународна летна школа.
На Libori Summer School 2026 студентите ги презентираа темите „Еколошка етика“ и „Еколошки феминизам“, отворајќи дискусија за одговорноста кон животната средина, етичките принципи и улогата на современото општество во одржливиот развој.
Инаку, БИП програмата (Blended Intensive Programme) им овозможува на студентите да стекнат меѓународно академско искуство, да ги унапредат своите професионални и интеркултурни вештини и да стекнат кредити кои се признаваат во рамките на нивните студии.
















