„ЛИНИЈА, ФОРМА И ПРОСТОР“ – ФИЛИП ПЕРЕСКИ СО НОВО ЛИКОВНО ИСТРАЖУВАЊЕ ПРЕД ПРИЛЕПСКАТА ПУБЛИКА

Сподели на социјалните мрежи

Со добра посетеност синоќа во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп беше отворена изложбата „Линија, форма и простор“ на академскиот уметник Филип Перески.
Пред присутните за изложбата и творештвото на Перески зборуваше Каролина Мицеска, која се осврна на ликовниот пристап на авторот и неговото истражување на линијата, формата и просторот.


Перески во своето творештво продолжува да ги истражува можностите на формата и нејзините односи со просторот. Линијата кај него се појавува како активен и динамичен елемент, преку кој се создаваат различни односи, движења и ритми во композицијата. Во неговите сликарски и скулпторски дела формите се ослободени од строгата геометриска определеност и се претвораат во визуелни структури што оставаат простор за различни асоцијации.
Ова е уште една изложба во која авторот продолжува да се занимава со темите што се препознатливи во неговото досегашно творештво. Перески, кој е роден во Прилеп во 1990 година и живее и работи во градот, зад себе има повеќе самостојни и групни изложби, а „Линија, форма и простор“ е неговата петта самостојна изложба во Прилеп.


Неговото творештво во изминатиот период се развива низ континуирано истражување на линијата и формата, што може да се следи и преку неговите претходни самостојни изложби – „Фактурални завиткувања“, „Линеарно обликување“, „Линеарна Хармонија“ и „Линиски одрази“.
На отворањето Перески говореше и за своето понатамошно творечко продолжение, најавувајќи дека неговата следна изложба е во фаза на подготовка и наскоро би требало да биде претставена во Загреб. Со тоа, неговото истражување на линијата, формата и просторот продолжува да се развива и надвор од прилепската ликовна сцена.
Изложбата „Линија, форма и простор“ во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ ќе може да се посети во наредните 14 дена.


Сподели на социјалните мрежи