„СО ЉУБОВ ЗА ПРИЛЕП“ – КОНЦЕРТ НА КУД „ПЕРЕ ТОШЕВ“

Сподели на социјалните мрежи

Хорската музика, поезијата и фолклорот ќе се сретнат на концертната сцена во Прилеп.
Во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ во сабота, 26 септември, со почеток во 19 часот, ќе се одржи концертот „Со љубов за Прилеп“ на КУД „Пере Тошев“.
Концертот е замислен како музичко и поетско дружење, во кое домаќинот ќе настапи заедно со гости од Скопје и Прилеп. На сцената ќе се претстави Џез Хорот „Артизан“ од Скопје, а како гостин ќе настапи и КУД „Моминок“.
Во програмата е предвидено и поетско катче со поезија од Марија Мантова и Тони Павлески, со што концертот ќе добие и дополнителна литературна димензија.
КУД „Пере Тошев“ е формирано на 5 мај 1987 година, првично со пејачки состав на просветни работници од Општина Прилеп и рецитаторска група. Со текот на годините пејачкиот состав се проширувал, а хорот прераснал во културно-уметничко друштво со репертоар кој ги опфаќа македонските староградски песни, ренесансната музика и хорски композиции од различни автори.
Во текот на своето долгогодишно дејствување, КУД „Пере Тошев“ има реализирано бројни настапи и учествувало на музички манифестации во земјава и странство, како и на настани посветени на значајни датуми и личности од историјата и културниот живот на Прилеп.
За својата работа друштвото има добиено повеќе награди и признанија, меѓу кои и Третоноемвриската награда на Општина Прилеп во 2013 година.
Концертот „Со љубов за Прилеп“ ќе биде можност публиката повторно да проследи една поширока сценска програма во која се поврзуваат хорската музика, фолклорот и поезијата.


Сподели на социјалните мрежи