ОБНОВЕН ИЗГЛЕД НА СУВЕНИРНИЦАТА НА ЗАВОД И МУЗЕЈ – ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Сувенирницата на НУ Завод и музеј – Прилеп, лоцирана во центарот на градот, доби освежен надворешен изглед со фотографии и налепници што упатуваат на музејските содржини и културното наследство. Со ова се зголемува нејзината видливост, а минувачите добиваат можност поблиску да се запознаат со дел од богатството што го чува и презентира прилепскиот музеј.
Сувенирницата функционира околу десет години и претставува место каде што посетителите можат да изберат спомен од Прилеп и Македонија. Во понудата има различни сувенири, меѓу кои магнети, разгледници, чаши, икони, филигрански изработки и други производи поврзани со традицијата и културното наследство.
Покрај продажната, сувенирницата има и информативна улога. Посетителите можат да се информираат за музејските изложби и активности, како и да добијат насоки за запознавање со содржините што ги нуди установата.
Обновениот изглед на надворешноста е начин музејските содржини да се доближат до пошироката јавност и да се привлече вниманието на домашните и странските посетители кои поминуваат низ центарот на Прилеп.
Меѓу сувенирите што се бараат се магнетите, кои за многумина се мал, но траен спомен од посетата на градот. Преку ваквите производи, но и преку информациите за музејските поставки, сувенирницата придонесува за промоција на културното наследство и за негово претставување пред посетителите.


Сподели на социјалните мрежи