„ОД ОПЕРА ДО БЕЗВРЕМЕНИ МАКЕДОНСКИ ПЕСНИ“ – КОНЦЕРТ НА ИЛИЈА БЕЛИСТОЈАНОСКИ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Оперските арии, познатите светски музички композиции и македонските народни песни ќе бидат дел од концертот на оперскиот тенор Илија Белистојаноски, насловен „Од опера до безвремени македонски песни“, во организација на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп. Концертот ќе се одржи на 12 ноември 2026 година, со почеток во 19 часот, во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Роден во Прилеп, Илија Белистојаноски своето музичко образование го започнал во родниот град, а го продолжил во Битола и на Музичката академија во Штип, во класата на оперскиот пејач и професор Борис Трајанов. Во досегашната кариера настапувал на домашни и меѓународни сцени, учествувал на повеќе престижни натпревари и освоил значајни признанија, меѓу кои првата награда на натпреварот за оперски пејачи „Лазар Јовановиќ“ во Белград и признанија на „Руска романсијада“. Настапувал и во Кремљскиот дворец во Москва.
Концертната програма е осмислена во неколку целини и опфаќа разновиден музички репертоар. Публиката ќе има можност да слушне дела од италијанските композитори Ернесто Де Куртис, Гаетано Доницети и Џакомо Пучини, арии од оперите „Фауст“, „Така прават сите“, „Еврејката“ и „Турандот“, како и композиции од Франц Лехар, Волфганг Амадеус Моцарт и други автори.
Меѓу познатите дела што ќе бидат изведени се„O sole mio“, „My Way“, „Core ‘ngrato“ и „Nessun dorma“. Посебно место во програмата имаат и македонските народни песни „Болен ми лежи“ и „Калино моме“, преку кои концертот ќе направи музички премин од светскиот оперски и концертен репертоар кон домашното музичко наследство.
На концертот Белистојаноски ќе настапи со пијанистот Дарко Мариновски, македонски музичар, универзитетски професор и композитор, со кого остварува долгогодишна соработка, како и со Љупчо Коскаров на труба.
За Илија Белистојаноски, настапот во Прилеп има и посебна димензија – средба со публиката во градот од кој потекнува. Во неодамнешното интервју за „Клуб Деница“, тој зборуваше за својот музички пат, предизвиците на оперската професија и односот со родниот град, истакнувајќи дека настапите пред прилепската публика носат поинакво чувство и одговорност.

Прочитајте го интервјуто со Илија Белистојаноски на „Клуб Деница“ – „Операта е мојот животен пат, но и постојана борба со самиот себе“.


Сподели на социјалните мрежи