Јапонската кинематографија и традиционалната уметност на виткање хартија ќе бидат во фокусот на програмата што на 11 ноември 2026 година ќе се одржи во Центарот за култура – Битола, во рамките на Неделата на јапонскиот филм, организирана во соработка со Амбасадата на Јапонија.
Програмата опфаќа две филмски проекции и оригами работилница, преку кои посетителите ќе имаат можност да запознаат различни аспекти на јапонската култура.
Во Големата сала на Центарот за култура, во 15 часот, ќе биде прикажан анимираниот филм „Деца на морето“ (Children of the Sea), визуелна авантура што ја следи приказната на Рука и нејзината средба со две необични момчиња поврзани со морето. Преку светот на океанот, филмот отвора прашања за природата, животот и тајните што ги крие морската шир.
Втората проекција е во 20 часот, кога публиката ќе може да го погледне филмот „Чекор“ (Step). Станува збор за емотивна семејна приказна за татко кој по загубата на сопругата сам се грижи за својата ќерка. Низ годините и секојдневните предизвици, двајцата постепено учат да се справуваат со загубата и да продолжат понатаму.
Влезот за двете филмски проекции е бесплатен.
Покрај филмската програма, во 18 часот ќе се одржи и оригами работилница, предводена од Koyama Sensei, професор по јапонски јазик и лиценциран инструктор за оригами. Учесниците ќе се запознаат со потеклото, филозофијата и културното значење на оваа традиционална јапонска вештина, а ќе имаат можност и самостојно да изработат оригами креација.
Работилницата ќе трае до 19:30 часот, ќе се одвива на англиски јазик и е наменета за лица над 16 години. Учеството е бесплатно, но потребна е претходна резервација, бидејќи бројот на места е ограничен.
Со филмски приказни и непосредно запознавање со традиционална уметничка техника, Неделата на јапонскиот филм во Битола отвора можност за културна средба со една далечна, но богата и препознатлива култура.















