Од НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп информираат дека во театарот „Војдан Чернодрински“ во тек се интензивните подготовки за новата премиерна претстава „Ловец во ’ржта“, поставена според култниот роман The Catcher in the Rye на американскиот писател Џ. Д. Селинџер.
Претставата ја режира Мартин Кочовски, кој најавува современо и слоевито сценско читање на едно од највлијателните литературни дела на 20 век. Според него, претставата ќе претставува своевидна кратка историја на подемот и падот на индивидуата – од средината на минатиот век до денес, со визија и за нејзината судбина во блиската иднина.
„Текстот е цивилизациски важен, популарен, оти обработува тема за невозможниот бунт на индивудуалецот против општеството. Тој бунт нема рок на траење. Затоа е интересен и текстот има оставено голем белег врз културата, особено поп културата и во кон културата. Го одбрав театарот „Војдан Чернодрински“ да го поставам текстот заради квалитетот на актерската екипа која може и знае да работи ваков текст и тоа го докажува во реалноста. Бунтот на една театарска екипа во општеството. Во овој театар се бориме да го артикулираме нашиот глас, во општество каде тешко можеме да бидеме гласни, а ние сепак сме гласни. Публиката ќе види енергична, но воедно лирска и епска претстава, преполна со различни жанрови “, вели Кочовски.
Драматизацијата ја потпишува Лидија М. Ѓорѓиевска, сценограф е Филип Јованоски, костимограф Јулијана Војкова, а автор на музиката е Пеце Трајковски – Брада. Во креативниот тим се и Давид Скерлевски и Ана Митоска.
Во претставата игра поголемиот дел од ансамблот на прилепскиот театар, а проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Премиерата на „Ловец во ’ржта“ е планирана за средината на јули, со што ќе биде заокружена актуелната театарска сезона на прилепскиот ансамбл.
















