Музиката за Борис Миленкоски не е само професија, туку начин на живот. Како професор по саксофон во ООМУ „Ордан Михајлоски – Оцка“ во Прилеп, веќе две децении ја пренесува љубовта кон музиката на младите генерации, создавајќи нови музичари, но и личности кои преку уметноста учат дисциплина, посветеност и истрајност.
Неговата животна приказна е тесно поврзана со музиката уште од детството. Растел во семејство во кое музиката била секојдневие – неговиот татко бил професор по музика, трубач и голем вљубеник во џезот, а токму таа љубов подоцна ја продолжува и самиот Борис. Денес, истата музичка приказна продолжува и во неговото семејство, каде што и неговиот син успешно чекори по патот на саксофонот и џезот.
Во интервју за „Клуб Деница“, Борис Миленкоски зборува за своите почетоци, за саксофонот како животен сопатник, за работата со младите, за џезот и за тоа зошто музиката се учи најмногу со срце.
Вашата приказна е нераскинливо поврзана со музиката. Растевте покрај татко кој беше професор по музика, трубач и голем љубител на џезот, а денес и самиот сте професор во истото училиште. Колку тоа семејно опкружување влијаеше музиката да стане Ваш животен и професионален пат?
Целосно влијаеше. Од најрана возраст живеев во средина исполнета со музика. Во основното музичко училиште започнав со изучување на кларинет, а тогаш во Прилеп сè уште немаше отсек за саксофон.
Татко ми, Мирослав, беше човек кој неизмерно го сакаше џезот. Во младоста свирел труба и соработувал со многу истакнати македонски музичари и композитори. Токму преку него ги научив првите музички фрази, а тоа беа делови од познати џез-композиции. Подоцна, кога ми се разви музичкиот слух, почнав самостојно да откривам и свирам мелодии.
Всушност во основното музичко училиште во Прилеп, шест години, инструментот кларинет го изучував кај наставникот Бузески Драголјуб. Средното музичко образование го продолжив во Битола, а паралелно со кларинетот започнав сериозно да го изучувам и саксофонот. Од 1996 година целосно му се посветив на овој инструмент, а потоа студиите ги продолжив на Музичката академија во Софија. Без дилема, љубовта на татко ми кон музиката и особено кон џезот беше пресудна за мојот животен избор.


Саксофонот е инструмент со специфична боја и израз. Што беше пресудно токму него да го изберете и што претставува тој за Вас како музичар?
За мене саксофонот е многу повеќе од инструмент. Тој е дел од мојот живот.
Уште како дете бев восхитен од неговиот звук. Постојано барав од татко ми да ми најде саксофон за да можам да почнам да свирам. Тој ми објаснуваше дека кларинетот и саксофонот се сродни инструменти и дека преку кларинетот ќе можам полесно да го совладам саксофонот.
Кога конечно го добив мојот прв саксофон, буквално не се разделував од него. Имаше денови кога само ќе го извадам од куферот и ќе го гледам со часови. Толку голема беше љубовта.
Саксофонот е инструмент кој во својот среден регистар е најблизок до човечкиот глас и токму затоа има толку силна емоционална моќ. Со зборови тешко може да се опише што ми значи.
Од ученик до професор – кои моменти, луѓе и искуства најмногу влијаеле врз Вашиот музички развој?
Мојот музички развој започна уште во детството и низ годините врз мене влијаеја многу луѓе. Секако, сè започна од татко ми, кој ми ја всади љубовта кон музиката.
Потоа големо влијание имаше професорот Драгољуб Бузески, кај кого ги направив моите први музички и педагошки чекори. Значајна улога имаа и професорите од Средното музичко училиште во Битола, како и професорите на Музичката академија во Софија, а особено професорот Влају Влаев, од кого научив многу како музичар и педагог.
Кога станува збор за џезот, големо влијание имаше и постојаното слушање музика. Некогаш тоа беа касети и компакт-дискови, а денес електронските платформи. Сметам дека секој музичар треба постојано да слуша квалитетна музика, бидејќи и така се учи и се гради сопствениот музички израз.
Денес како професор по саксофон работите со млади генерации. Што е најголемиот предизвик, а што најголемата радост во создавањето нови музичари?
Најголемиот предизвик е правилно да се постават темелите. Учениците треба да го совладаат правилното држење на инструментот, амбажурот, дишењето и првите тонови. Ако тие основи се постават како што треба, сè понатаму е процес на постепено надградување.
Најголемата радост не е само кога ученик ќе освои награда. Радост е и кога ќе дојде на час совршено подготвен, кога ќе покаже дека вложил труд и кога ќе го почувствуваш неговиот напредок. Тоа е најголемата сатисфакција за еден професор.


Во Прилеп има многу млади таленти. Колку е важно навремено да се препознае нивниот потенцијал и каква е улогата на семејството, музичкото училиште и професорот во нивниот развој?
Во Прилеп навистина има многу талентирани деца. Но талентот сам по себе не е доволен. Потребни се љубов, работа и посветеност.
Семејството има огромна улога, затоа што токму дома се создаваат навиките за вежбање и дисциплина. Музичкото училиште ги обезбедува условите за развој, а професорот е оној што го насочува ученикот.
Сите три фактори се подеднакво важни. Не може едното без другото.
Вашата музичка приказна продолжува и во семејството. Вашиот син го избра саксофонот и е дел од прилепската бенд-сцена. Какво е чувството кога љубовта кон музиката се пренесува од една генерација на друга?
Тоа е чувство што тешко може да се опише.
Во еден момент и самиот посака да учи саксофон, а јас бев негов професор. Работата со сопственото дете е многу специфична, но денес сум особено среќен што тој го продолжува својот пат.
Синот Мирослав, студира џез-саксофон на Музичката академија во Штип, активно настапува и веќе гради свој музички израз. Кога ќе видите дека љубовта која ја наследивте од вашиот татко продолжува и кај вашиот син, тоа е навистина посебно чувство.
Саксофонот е инструмент кој многумина го поврзуваат токму со џезот. Колку овој музички правец влијаеше врз Вашиот музички израз и што, според Вас, го прави толку посебен?
Џезот, според мене, е најкомплексната музика. Во него има исклучително богата хармонија, сложени ритми и огромна слобода за музичко изразување.
Саксофонот е еден од најпрепознатливите инструменти на џезот. Неговите можности се огромни и токму затоа секогаш ме фасцинирал. Тој овозможува изразност што не е својствена за многу други инструменти и токму затоа има толку важно место во овој музички правец.


Како гледате на состојбата со музичката сцена и културниот живот во Прилеп? Дали младите музичари денес имаат доволно можности за настапи, развој и афирмација?
Ме радува што во Прилеп има многу млади луѓе кои со голем ентузијазам се занимаваат со музика.
Денес има бендови што свират рок, панк, џез, класична и други стилови. Настапуваат по локалните сцени и на различни манифестации, што е многу важно за нивниот развој.
Најважно е младите да имаат простор да се изразат. Секој треба да ја следи музиката што ја чувствува, затоа што токму различноста ја прави музичката сцена побогата.
Во Вашата долгогодишна работа сигурно има ученички успеси кои Ви останале во срце. Можете ли да издвоите еден момент што никогаш нема да го заборавите?
Тешко ми е да издвојам само еден момент.
Во изминатите дваесет години сум учествувал на многу општински, регионални, државни и меѓународни натпревари и сум работел со голем број талентирани ученици кои освоиле значајни признанија.
Но најголемото задоволство не е само наградата. Најголема среќа е кога ќе видите како едно дете што на почетокот било несигурно постепено стекнува самодоверба, напредува и се развива во вистинска личност. Тоа е најголемата награда за секој професор.
За крај, која е Вашата порака до младите кои денес го прават првиот чекор во светот на музиката?
Би им порачал да слушаат многу музика.
Секој има право да го избере музичкиот стил што го сака, но сметам дека секој млад човек треба да одвои време и за класичната музика и за џезот. Тие два музички правци развиваат музички вкус, интелектуални способности и креативност.
Свирењето инструмент е едно од најубавите нешта што може да му се случи на едно дете. Музиката не само што создава добри музичари, туку создава и подобри луѓе.















