Љубителите на традиционалната музика и фолклорот во петок, 7 август, ќе имаат можност да уживаат во Вечер на унгарската култура, која ќе се одржи на платото пред НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, со почеток во 19:30 часот.
Настанот е традиционален и е во организација на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, во соработка со Здружението на Унгарците во Македонија. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со богатството на унгарската музика, фолклор и традиција преку настапите на оркестарот „Рожафа“ и Фолклорниот ансамбл „Коња“.
Оркестарот „Рожафа“ е формиран во 2024 година и го сочинуваат млади музичари од Сента и околината. Иако постои релативно кратко, зад себе веќе има бројни настапи на фестивали и културни манифестации во Србија и Унгарија, како и освоени признанија за интерпретација на народна музика. Во својот репертоар негуваат автентични мелодии од повеќе етнографски области на Карпатскиот Басен.
Фолклорниот ансамбл „Коња“ од Бачка Фекетиќ постои од 1996 година и е еден од познатите унгарски ансамбли во Војводина. Неговите членови се средношколци и студенти кои со голема посветеност ја негуваат народната традиција, а ансамблот е добитник на повеќе златни награди и признанија. Во Прилеп ќе се претстави со автентични кореографии и танци од повеќе етнографски региони.
Организаторите ги покануваат сите граѓани да присуствуваат на оваа културна вечер и да уживаат во богата програма исполнета со традиционална унгарска музика, песна и танц.

















