„Одлив на мозоци или циркулација на мозоци? Преиспитување на младинската мобилност“ беше темата на мастеркласот што се одржа на 10 септември во Студентскиот информативен центар (СИЦ) во Битола, во рамки на кој младите разговараа за мобилноста, можностите за професионален развој и иднината на младите таленти.
На настанот учествуваа д-р Ана Ристевска, Андреј Гулабовски и проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска, а разговорот го водеше Мартин Кочишки.
Мастеркласот беше организиран како отворен и интерактивен разговор, во кој присутните имаа можност да разменат мислења, да поставуваат прашања и директно да разговараат со говорниците.
Во фокусот беа причините поради кои младите одлучуваат да студираат, работат и живеат во странство, но и можностите за оние кои се враќаат во земјата или остануваат поврзани со своите заедници, притоа носејќи го со себе стекнатото знаење, искуство и личните контакти.
Младинската мобилност беше разгледувана не само низ концептот на „одлив на мозоци“, туку и низ идејата за „циркулација на мозоци“ – односно можноста меѓународната мобилност да се претвори во придобивка и за младите и за нивните заедници.
Во разговорот особено беше истакнато значењето на создавањето услови во кои младите ќе можат професионално да се развиваат, но истовремено да ги одржуваат врските со локалните средини и да придонесуваат кон нивниот развој.
Настанот беше организиран од Димитар Атанасовски, Млад европски амбасадор, во рамки на кампањата „ЕУ со ТЕБЕ“, во соработка со Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и Јуроп Хаус Битола, со цел да се поттикне дијалогот со младите за прашањата и предизвиците кои влијаат врз нивната иднина и иднината на регионот.

















