Спелеолози од Балканот и Југоисточна Европа деновиве се во Штавица, каде што преку заеднички истражувања, размена на знаења и искуства го реализираат Балканскиот спелеолошки камп – BSC 2026.
Во селото Штавица, Општина Прилеп, вчера свечено беше отворен Балканскиот спелеолошки камп – BSC 2026, меѓународен настан кој од 16 до 20 септември на едно место ги собира спелеолозите, спелеолошките клубови и организации од Балканот и Југоисточна Европа.
Кампот го организира Спелеолошката федерација на Македонија – СФМ, во соработка со Балканската спелеолошка унија – BSU со цел заедничко истражување на подземниот свет, размена на знаења и искуства, едукација и унапредување на регионалната соработка.
На отворањето се обратија градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, претседателката на Балканската спелеолошка унија – BSU Ема Марчу и претседателот на Спелеолошката федерација на Македонија и организатор на кампот, Дарко Неданоски.
Поздравувајќи ги учесниците, Неданоски истакна дека Балканскиот спелеолошки камп не е само место за спелеолошки истражувања, туку и простор за поврзување на луѓето, знаењето, искуството и пријателството.
„BSC 2026 го гледаме како можност да ги поврземе спелеолозите од Балканот и Југоисточна Европа, да размениме знаења и искуства, да учиме едни од други и да создадеме нови пријателства и идни заеднички експедиции“, рече Неданоски.
Тој посебно го истакна значењето што кампот се одржува во Штавица и прилепскиот крај, простор кој, како што посочи, има природни потенцијали за развој на спелеологијата, авантуристичкиот туризам, науката и младинските активности.
„На сите учесници им посакувам успешни истражувања, безбедни влегувања и уште побезбедни излегувања“, порача Неданоски, прогласувајќи го BSC 2026 за отворен.


Добредојде на учесниците им посака и градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски, кој оцени дека одржувањето на ваков меѓународен настан е можност Прилеп да биде место на средба на спелеолози, истражувачи, научници и љубители на природата од регионот.
Проданоски се осврна на природните богатства на прилепскиот крај, посочувајќи дека покрај историјата, традицијата и препознатливиот прилепски камен, регионот располага и со природни предели и подземни простори кои претставуваат потенцијал за истражување.
„Спелеологијата е страст, наука и постојана желба за откривање на непознатото“, порача градоначалникот, нагласувајќи ја важноста од заштитата на природното наследство и развојот на одржливиот и активен туризам.
„Ова е одлична можност за споделување на знаења и учење едни од други. На овој начин можеби можеме да го зголемиме туризмот и ова е одлична можност за регионот, бидејќи е фантастичен“ – рече претседателката на Балканската спелеолошка унија – BSU Ема Марчу
Во следните денови учесниците на BSC 2026 ќе реализираат спелеолошки активности и истражувања, а кампот ќе биде и можност за размена на искуства меѓу спелеолозите од различни земји и создавање основа за идни заеднички истражувачки и експедициони активности.
Во следните денови околу 150 учесници на BSC 2026 ќе реализираат спелеолошки активности и ќе истражуваат пештери во прилепскиот регион. Кампот ќе биде и можност за размена на искуства меѓу спелеолозите од различни земји и создавање основа за идни заеднички истражувачки и експедициони активности.
За време на отворањето беше презентирана и традиционална македонска културна програма, со настап на играорна и пејачка група, по што продолжи дружењето со учесниците на кампот.
Балканскиот спелеолошки камп – БСЦ 2026 во Штавица претставува средба во која природата, истражувањето, науката и регионалната соработка се поврзуваат околу еден од најмалку истражените светови – подземниот.

















