На 23 и 24 септември започнува третиот уписен рок на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола https://uklo.edu.mk/blog/upisi-2026-27/. Тоа е нова можност за сите матуранти кои сè уште не донеле одлука каде ќе го продолжат своето образование.
По првиот и вториот уписен рок, на УКЛО се запишани 1.062 студенти на прв циклус студии, што е 77 студенти повеќе во споредба со истиот период минатата година, кога биле запишани 985 студенти. Тоа претставува раст од речиси 8 отсто.
Со ова, УКЛО трета година по ред бележи раст на бројот на новозапишани студенти, и покрај континуираниот пад на бројот на матуранти во земјата.
Од УКЛО ги повикуваат сите кои сè уште се двоумат да ја искористат можноста на 23 и 24 септември и да станат дел од академската заедница на Универзитетот.
„Со изборот на УКЛО, студентите не избираат само студиска програма, факултет и универзитет, туку добиваат можност да бидат дел од пошироко европско академско семејство. Ги повикуваме сите кои сè уште размислуваат каде да го продолжат своето образование да ја искористат можноста во третиот уписен рок“, порачува ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски.
Особена можност за студентите претставува учеството на УКЛО во КОЛОРС Европската универзитетска алијанса https://uklo.edu.mk/colours/ која обединува девет универзитети од девет европски земји со околу 126.000 студенти.
Студентите на УКЛО преку Алијансата добиваат можности за меѓународна мобилност, размена и студиски престои на партнерските европски универзитети. Во иднина, со развојот на соработката во рамките на Алијансата, се отвораат можности и за заеднички студиски програми, двојни и заеднички дипломи.
Од раководството на УКЛО посочуваат дека растот на бројот на новозапишани студенти во последните три години е значаен показател за интересот на младите за студирање на Универзитетот и условите кои ги нуди за својот академски подмладок.
Третиот уписен рок на 23 и 24 септември 2026 година е можност за сите кои сè уште немаат избрано каде ќе го продолжат своето образование – да го изберат УКЛО и да станат дел од бројното академско семејство на КОЛОРС Алијансата.
















