„ПРЕРОДБА“ СО СВЕЧЕН КОНЦЕРТ ЌЕ ОДБЕЛЕЖИ 20 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

Сподели на социјалните мрежи

Здружението за хуманитарна и социјална акција „Преродба“ од Прилеп со свечен концерт ќе одбележи 20 години од своето формирање. Под мотото „Човекот се препознава по културата и традицијата“, јубилејот ќе биде одбележан во понеделник, 28 септември, во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“, со почеток во 18 часот. Влезот е слободен.
На концертот ќе настапат женската пејачка група, драмската и поетската секција на „Преродба“, а најавено е и учество на повеќе гости од Прилеп, регионот и земјава.
Меѓу учесниците се „Весели пензионери“ од Македонски Брод, КУД „Пере Тошев“, Алексо Тришоски од Кичево, Сашо Башески, женската пејачка група „Орхидеја“, Михаил Здравески и „Октет Прилеп“.
Двете децении постоење „Преродба“ ги одбележува преку активностите во областа на културата, хуманитарната работа и теми поврзани со здравјето и секојдневниот живот на членовите и граѓаните.
Во културниот дел, здружението работи на зачувување на традицијата преку песната, драмата и поезијата, а особено внимание посветува на народните обичаи, празници и обредни песни. Како што вели претседателката на „Преродба“, Лилјана Ѓорѓиоска, дел од овие содржини се пренесуваат и на помладите генерации.
Во изминатиот период здружението реализирало и хуманитарни активности, како и средби и предавања на теми од интерес за членовите. Од „Преродба“ посочуваат дека интересот за членување е голем и дека има прилив на нови членови, додека поддршката ја добиваат и од граѓаните на Прилеп и од други делови на земјава.
Свечениот концерт на 28 септември ќе биде можност членовите и гостите заеднички да го одбележат јубилејот, но и преку песната, поезијата, драмата и традицијата да ја претстават работата на „Преродба“ во изминатите 20 години.
Од здружението ги покануваат сите љубители на македонската песна, култура и традиција да бидат дел од одбележувањето на јубилејот.


Сподели на социјалните мрежи