Од Прилеп до оперската сцена – патот на Илија Белистојаноски е исполнет со љубов кон музиката, посветена работа, настапи и бројни предизвици. Како оперски тенор, тој се определил за професија што бара талент, дисциплина и постојано усовршување.
Музичките почетоци ги имал уште како дете, кога настапувал на фестивалите „Ѕвездички“ и „Златно славејче“. Подоцна, музичкото образование го продолжил во Битола и на Музичката академија во Штип, во класата на професорот Борис Трајанов. Неговата досегашна кариера ја одбележуваат оперски настапи, учества на меѓународни натпревари и признанија, меѓу кои и првата награда на натпреварот за оперски пејачи „Лазар Јовановиќ“ во Белград.
Но, зад настапите и признанијата стојат години учење, вежбање и работа на вокалната техника, како и желбата да се продолжи напред во професија во која талентот е само почеток.
За „Клуб Деница“, Илија Белистојаноски зборува за своите музички почетоци, влијанието на луѓето што го препознале неговиот талент, предизвиците на оперската професија, односот со родниот град и плановите за иднината.
Илија, кога ќе се навратите на годините пред професионалната сцена, постои ли некој момент или човек што Ви помогна да сфатите дека музиката е нешто со кое сакате сериозно да се занимавате?
Мојот музички пат започна уште во детството. Професорите го забележаа мојот талент и ме предложија да настапам на фестивалот „Ѕвездички“, каде што ја испеав песната „Морнар“. Добро поминав кај публиката, а тоа беше едно од првите искуства што ме охрабрија да продолжам со музиката.
Потоа следуваше „Златно славејче“, каде што ме слушна нашиот голем уметник Александар Џамбазов. Тој препозна потенцијал во мојот глас и предложи да добијам песна за фестивалот. Така ја испеав „Искра“, која потоа беше многу слушана на радиото.
Особено го паметам и моментот кога Златко Црвенкоски ме слушнал како пеам дома. Разговарал со моето семејство, дошол да ме слушне и препознал дека би можел да се развивам во музиката и во правецот на оперското пеење. Ме повика и на Мел фест. Тоа беше значаен момент во моето музичко созревање и во развивањето на љубовта кон музиката.
Прилеп е град со силна музичка и уметничка традиција. Колку средината во која растевте и луѓето што ги среќававте влијаеја врз Вашиот музички развој?
Секако дека средината и луѓето што ги среќавав во текот на образованието имаа свое влијание. Во Државното музичко училиште во Битола, каде што го продолжив образованието, првично бев на теорискиот отсек, а не на соло-пеење. Сепак, имаше професори што забележаа дека добро пеам и работеа со мене. Ме повикуваа да настапувам на училишните концерти, иако не бев на отсекот за соло-пеење.
Подоцна образованието го продолжив на Музичката академија во Штип, во класата на професорот Борис Трајанов, каде што дополнително се усовршував во оперското пеење.
Мојот брат е музичар, виолинист, и предава во музичкото училиште во Охрид, па и тоа беше еден вид поврзаност со музиката во семејството. Родителите имаа поинакви очекувања за мојата професионална иднина и сакаа да станам доктор. Поддршката не беше целосна, но јас цврсто бев определен да се занимавам со музика и пеење.
Имаше повеќе луѓе што ме охрабруваа и ми помагаа во развојот. Не би можел да ги споменам сите, но сум им благодарен. Сепак, многу важни беа и личната мотивација, желбата да напредувам и подготвеноста да вложувам во она што го сакам.
Оперското пеење од публиката изгледа како гламур, но зад секој настап стојат години работа. Кој е најтешкиот дел од овој пат што публиката не го гледа?
Најтешкиот дел, дефинитивно, е вокалната техника. Таа е една од најважните работи за еден оперски пејач. Изведувањето оперска арија на сцена е навистина тешко и бара вокална, физичка и ментална подготвеност.
Потребни се многу подготовки за изведбата да биде на највисоко можно ниво. На тоа потрошив многу години, особено за време на студиите во Штип, каде што професорот Борис Трајанов многу работеше со нас на вокалната техника и подготовката за сцената.
За да може човек правилно да пее и да го зачува гласот, потребни се постојано учење, анализирање и вежбање. Тоа е процес што не завршува со дипломирањето. И по толку години, човек мора да продолжи да работи на себе. Публиката го гледа настапот, но не и сето она што му претходи.

Меѓу Вашите значајни успеси е и првата награда на натпреварот „Лазар Јовановиќ“ во Белград. Што Ви значеше тоа признание и колку Ви даде мотив за понатамошната кариера?
Секоја награда значи многу, затоа што претставува признание за она што го работите и за квалитетот на Вашата изведба. Првата награда на натпреварот „Лазар Јовановиќ“ во Белград беше значајна за мене и ми даде дополнителен мотив да продолжам да се усовршувам.
На натпреварот настапив со дела од оперскиот репертоар, меѓу кои и музика од „Травијата“, „Евгениј Онегин“ и „Тоска“.
Конкуренцијата на ваквите натпревари е голема. Не е доволно само да имате добар глас. Важни се и сценскиот настап, начинот на кој ја доживувате и ја пренесувате улогата, како и целокупната интерпретација. Може да има многу добри пејачи, но наградата да ја добие некој друг затоа што успеал подобро да го претстави ликот и да ја оживее улогата.
Токму затоа овие натпревари се важни искуства. Тие не се само можност за награда, туку и начин да се измерите со други пејачи, да научите нешто ново и да видите на што треба дополнително да работите.
Кој настап досега Ви останал најмногу во сеќавање, а колку е поинакво чувството кога пеете пред прилепската публика?
Сите настами ми се мили бидејќи ти се дел од мене. Кога би оделил еден од омилените ми е настапот во Кремаљ. Тоа е едно од искуствата што посебно ги паметам тоа беше настап пред голема публика, 5000 луѓе, со присуство на професионалци од музичкиот свет, кој беше пренесуван и на руската телевизија. Тоа беше навистина посебно искуство, со многу адреналин и задоволство по успешно завршениот настап.
Кога станува збор за Прилеп, чувството е поинакво. Убаво е да се пее дома, но истовремено постои и поголема одговорност. Понекогаш тремата пред домашната публика е поголема отколку пред публика во странство. Сакате да се претставите во најдобро светло пред луѓето што ве познаваат и пред средината од која потекнувате.
Се сеќавам на концертот што го имав во Прилеп во февруари 2025 година. Имав трема, особено на почетокот, но потоа се опуштив и настапот беше убаво искуство. Секогаш е посебно кога можноста што ја добивате како уметник ќе ја споделите со своите сограѓани.
Постои ли оперска улога или сцена на која особено сонувате да настапите?
Секој оперски пејач сака да настапува на големите оперски сцени. Дали тоа ќе се оствари зависи од многу фактори, па затоа не можеме однапред да знаеме како ќе се развива кариерата.
Мојот глас е лирски тенор, па постојат улоги што особено ми одговараат. Меѓу нив се Алфредо во „Травијата“ и Војводата од Мантова во „Риголето“, дела од Џузепе Верди.
Немам само една конкретна улога што ми е сон. За мене е важно да добивам можности да работам на улоги што одговараат на мојот глас и да продолжам да се развивам како пејач.
Колку е тешко денес еден млад оперски пејач од Македонија да изгради професионална кариера? Дали иднината ја гледате повеќе во Македонија или на сцените надвор од земјата?
Не е лесно да се изгради оперска кариера од Македонија. Оперската уметност кај нас нема толку долга традиција како во некои европски земји, иако имаме македонски композитори и творци што создавале оперски дела. Сепак, ние сме мала држава, а можностите за професионално ангажирање се ограничени.
Во западноевропските земји постојат поразвиени системи за застапување на пејачите, преку агенции што им помагаат да добијат ангажмани и да склучат договори со оперски куќи. Кај нас таквите можности се многу помалку развиени, па патот до професионалната сцена е посложен.
Сепак, можности за настапи и концерти постојат. За еден уметник е важно да биде забележан од вистинските луѓе, да соработува со квалитетни професионалци и внимателно да ги избира ангажманите. Не е важен само договорот, туку и со кого работите и какви можности ви отвора таа соработка.
Како уметник, секако дека сакам да настапувам и на големите оперски сцени. Но, за тоа се потребни многу работа, знаење, вештина и соодветни професионални можности.
Кога не сте Илија Белистојаноски – оперскиот тенор – кој е Илија приватно? Што Ве исполнува надвор од музиката?
Приватно сум нормален човек, како и сите други. Сакам да се забавувам, да излегувам и да се дружам со пријателите. Практикувам медитација и физичка активност, затоа што сметам дека е важно и умот и телото да бидат во добра форма.
За оперскиот пејач тоа е особено важно, бидејќи професијата бара и физичка и ментална подготвеност. Но, исто така, мислам дека човек не треба да се ограничува само на својата професија. Треба да ги запознава другите луѓе, да ги разбира нивните интереси и професии и да знае да комуницира и да гради односи со нив.
Светот не е само нашата професија. Има многу други нешта што можат да нè збогатат како личности, а тоа на некој начин се одразува и врз начинот на кој ја работиме својата работа.

Кои се Вашите следни професионални планови и што е следниот голем предизвик што сакате да го освоите?
Мојот следен план е концертот во Прилеп на 12 ноември. Ги поканувам моите сограѓани да дојдат и да ја проследат програмата. Подготвуваме разновиден музички избор со италијански канцони, италијански и француски оперски арии, шпанска музика, како и македонски песни.
Сакам публиката да има можност да слушне различни музички дела. Не сакам да ја заборавам македонската музика, затоа што сметам дека како Македонец имам обврска пред домашната публика да претставам и дел од нашето музичко творештво.
На концертот ќе настапам со пијанистот Дарко Мариновски од Скопје, мој долгогодишен корепетитор и соработник. Соработуваме многу години и ми претставува задоволство повторно да настапиме заедно.
Имам и други професионални планови, но за нив засега не би откривал детали. Ќе дојде време кога ќе можам да ги споделам со јавноста.
И за крај – ако треба со една порака да им се обратите на младите од Прилеп кои имаат сон, но можеби се плашат да го следат, што би им кажале?
Би ги советувал да ги следат своите соништа и да работат на она што го сакаат. Но, истовремено, важно е да размислуваат реално и да бидат подготвени да се соочат со предизвиците што ги носи животот.
Не е доволен само талентот. Потребно е да се развиваат и комуникациските и меѓучовечките вештини, да се разбира средината во која живеат и да знаат да ги препознаат можностите што им се отвораат.
Успехот не зависи само од тоа колку сте добри во она што го работите, туку и од тоа како се поврзувате со луѓето и како се справувате со различните ситуации. Затоа, треба да се работи и на професионалниот и на личниот развој.
Мојата порака е да не се откажуваат од она што го сакаат, но и постојано да учат, да се надградуваат и да бидат подготвени за предизвиците што ги носи патот кон остварувањето на нивните соништа.
_________________________________________________________________________________________________________
Илија Белистојаноски
Илија Белистојаноски е оперски тенор чиј репертоар опфаќа дела од композитори како Џузепе Верди, Џакомо Пучини и Гаетано Доницети. Меѓу оперските дела поврзани со неговиот репертоар се „Макбет“, „Набуко“, „Турандот“, „Боеми“, „Мадам Батерфлај“, „Риголето“, „Травијата“, „Лучија ди Ламермур“ и „Љубовниот напиток“.
Во текот на своето досегашно музичко патување учествувал на меѓународни натпревари за оперски пејачи во Белград, Рига и Баку, а меѓу позначајните успеси е првата награда на натпреварот „Лазар Јовановиќ“ во Белград. Освоил признанија и на натпреварот „Руска Романсијада“, а настапувал и во Кремљскиот дворец во Москва.
Покрај изведувачката дејност, Белистојаноски работи и како вокален педагог.

















