Филип Николоски е млад музичар од Прилеп, препознатлив по својата ведрина, искрен пристап и љубов кон сцената. Со три авторски песни, бројни настапи низ локалите и незаборавниот момент на сцената со легендарната група „Меморија“, Филип гради автентична музичка приказна. Во продолжение следуваат разговорот за музиката, инспирацијата и неговите идни планови.
Од кога датира твојата љубов кон музиката и кога сфати дека таа ќе биде важен дел од твојот живот?
Мојата љубов кон музиката почна уште кога бев многу мал. Се сеќавам како да беше вчера – имав седум години и се запишав во основното музичко училиште во Прилеп на пијано. Беше нешто магично – секој тон што го создадов, секоја мелодија што ја почувствував, ме правеше среќен на начин кој го немав доживеано порано. Тогаш сфатив дека музиката не е само хоби, туку нешто што ќе го носам со себе цел живот. Кога завршив средното економско училиште и почнав да настапувам по локалите, тогаш за прв пат бев целосно сигурен – музиката е мојот пат, мојата страст, мојот живот. Со тек на време, природно дојде и моментот да снимам свои авторски песни.
Како изгледаше твојот музички пат – од првите чекори, музичкото образование, до денешните настапи?
Музиката бара многу труд и посветеност, тоа го сфаќаш уште од првиот ден. Пијаното е дисциплина – часови, проби, вежби дома. И денес секој ден се обидувам да вежбам, затоа што тоа ме исполнува и ме подготвува за сцената. После основното музичко училиште, и откако завршив средно економско, следните четири години продолжив со соло пеење во музичкото училиште „Матрикс“ кај мојот ментор Денис Димоски. Таму научив техника која ми овозможува да настапувам без да се изморам, и тоа ми дава самодоверба. Секој чекор, секој пробен час, ме водеше кон она што сум денес – музичар кој сака да дели радост и емоции со луѓето.
Што те привлече најмногу кон пеењето и како го доживуваш моментот кога си на сцена?
Музиката е магија. Сакам да пеам затоа што тоа ми носи радост, светлина и чувство на живот. Кога сум на сцена, адреналинот ме носи, гледам насмеани лица и чувствувам како секој во публиката дише заедно со мене. Едноставно е преубаво. Еден од најпосебните моменти во мојот живот беше кога настапував со „Меморија“. Кога ми се јавија да бидам дел од нивниот концерт, буквално броев денови до тој голем ден. Кога конечно застанав на сцената со нив, со такви легенди, тоа чувство беше невидено – пресреќен, благодарен и горд. Тоа е емоција која се памети цел живот. И денес сум им благодарен што ми ја дадоа таа можност, што можеше со нив да ме види цела Македонија и заедно да ја отпееме „Само на добро нека е“. Музиката е нешто што би му посакал на секој човек да го работи.
Зад себе имаш три авторски песни. Како настана идејата за нив и што ти значи секоја од нив лично?
Секој од тие моменти е посебен. Прво морам да го спомнам, како што го викам јас, маестро Рубин Димковски, кој што е дел од сите три. На последните две на музиката и аранжманот, а на првата само на аранжманот. Првата песна „Тебе те нема“ ја создадовме заедно со Гоце Балада и Рубин Димковски, втората „Вози, вози ме“ е едно летно хитче кое носи веселба и сончеви чувства, а третата – „Само на добро нека е“ – е мојата автобиографска песна. Таа ја раскажува мојата животна приказна и за мене има посебно значење. Аранжманот на трите песни го работеше Рубин, а текстовите на последните две се на Дуле Темелкоски. Секоја песна носи емоции. Но, секоја од нив е дел од мене и го изразува она што сум.
Песната „Само на добро нека е“ доби посебна тежина откако беше изведена со групата „Меморија“. Како го паметиш тој настап и емоциите што ги носиш од него?
Тоа беа моменти кои нема да ги заборавам никогаш. Кога ми се јавија за настапот, буквално не можев да спијам од возбуда. Претходно отидов на проба со бендот, се запознав со нив, и сите се неверојатни како личности и музичари. На денот на концертот, да стојам на сцена со нив и да ја слушне целата Македонија мојата песна – тоа е чувство кое не може да се опише. Секој тон, секој аплауз беше потврда дека вреди да се вложи целото срце во музиката. Беше едно прекрасно искуство кое би сакал секој еден музичар да го доживее.
Како изгледа твојата соработка со автори и музичари и колку ти е важна тимската работа во создавањето музика?
Тимската работа е сè. Без добра комуникација и доверба, не се создава магија. Со сите музичари во Прилеп имам одлична соработка. Кога работиме на авторски песни, сè почнува со идеи, предлози, дискусии. Секој од нас дава дел од себе и така се раѓа крајниот резултат – песна која дише и која публиката ќе ја почувствува. За мене, тоа е најубавиот дел од музиката – кога заедно создаваме нешто што ќе остави трага. За да има како краен производ убава авторска песна мора да имаш добра соработка на тимот.
Често настапуваш во локали и пред помала публика. Што ти значи директниот контакт со луѓето и нивните реакции?
Тоа е нешто магично. Кога гледаш насмеани лица, луѓе кои се радуваат и уживаат со твојата музика, тоа е момент кој го полни срцето. Еден убав збор, еден аплауз, е потврда дека она што го правиш има смисла. Тоа ме исполнува со среќа и ми дава енергија да продолжам понатаму.
Како успеваш да ја задржиш позитивната енергија и насмевката на сцената, без разлика на околностите?
Секогаш гледам на светлата страна на животот. Негативни моменти ќе има секогаш, но музиката и луѓето околу мене ми помагаат да останам позитивен. Верувам дека убавите работи се тие кои остануваат во сеќавање, а музиката е мојот начин да ги нагласам токму тие убави моменти.
Кои музичари или жанрови најмногу те инспирираат и што најчесто слушаш приватно?
Јас слушам убава музика. Јас сум шарен слушател. Слушам македонска забавна и народна музика, поп од регионот, хрватска и српска поп сцена. Особено ме инспирира седум осминскиот ритам – нешто уникатно кај нас. Секогаш барам музика која ќе ме поттикне да создадам и да ја пренесам радоста што ја носи во мојата публика.
На што си најгорд во досегашната музичка кариера?
На соработката со „Меморија“. Настапот на нивниот концерт беше момент кој секој музичар би сакал да го доживее. И на „Златна Бубамара“, кога ми ја подарија наградата што ја добијаа, почувствував дека вреди секој труд, секоја проба и секоја песна која ја вложив од срце.
Дали моментално работиш на нова песна и што можеш да ни откриеш за тоа што следува?
Да, работиме на нов материјал. Моментално е во процес на создавање и уште не можам да откријам сè, но верувам дека ќе им се допадне на публиката и ќе ја носи таа радост која јас сакам да ја споделувам.
Кој е твојот најголем музички сон што сè уште чека да се оствари? Имаш ли желба да настапиш на фестивали или на поголема сцена во иднина?
Прво сакам да направам албум со свои песни и за некои десетина години голем концерт кој ќе остави траен впечаток. Секако, би сакал да настапувам на фестивали како „Макфест“ и да се развивам како музичар, да се надоградувам, да учам и да создавам музика која ќе ги радува луѓето.
Како би сакал публиката да те памети – каква е пораката што сакаш да ја пренесеш преку твојата музика?
Би сакал да ме паметат по харизмата, по насмевката, по позитивната енергија која ја вложувам од срце, и секако по добрите песни кои ќе останат. Мојата музика е радост и сакам таа радост да ја пренесам на секој кој ќе ме слуша.
Што за тебе претставува добар ден исполнет со музика?
Моите денови се секогаш исполнети со музика. Од првото кафе, до одморот, до секој момент на свирка или создавање песна – музиката е присутна секогаш. Без музика, едноставно не можам да живеам. Таа ми дава енергија, радост и чувство дека животот е полн со убавина.
Фотографии од албумот на Филип Николоски










Слушнете ги песните од Филип Николоски


















