ВО ПРИЛЕПСКИОТ ТЕАТАР ВО ТЕК СЕ ПОДГОТОВКИТЕ ЗА НОВАТА ТЕАТАРСКА ПРЕТСТАВА „СААТОТ“

Сподели на социјалните мрежи

Во театарот „Војдан Чернодрински“, во тек се подготовките за новата театарска претстава „Саатот“, по текст на Лидија Митоска Ѓорѓиевска, во режија на Кристина Димитрова.
Костимографијата и сценографијата се на Благој Мицевски, додека музиката ја потпишуваат Филип Јездиќ и Томе Темелкоски. Во претставата настапуваат актерите Димитар Ѓеорѓиевски, Наташа Ачански и Филип Јездиќ, кој воедно ја има и улогата на персонифициран ѕиден часовник.
„Саатот“ е интимна трагикомедија со апсурдни и постмодерни драматуршки елементи. На сцената двајца актери ги толкув-аат ликовите на Вера и Јован, додека третиот актер – музичар го игра симболичниот лик на часовникот. Тој го следи текот на приказната и низ своето присуство открива различни аспекти на времето и на современиот живот.
За концептот на претставата, режисерката Кристина Димитрова истакнува дека во фокусот е односот на човекот со времето и различните ритми во кои луѓето го живеат животот.

– „Што е време? Времето е она што часовниците го мерат, рекол еднаш Ајнштајн. Информациите за времето го кажуваат времетраењето на настаните, и кога тие се случуваат, или кои настани се случуваат пред кои други. Времето игра многу значајна улога во структурата на универзумот, вклучувајќи ја и структурата на нашиот личен живот. Сепак, има многу нерешени прашања, и филозофски и научни. Ќе пробаме да навлеземе во таа суштина на времето, преку ритамот на СААТОТ. Дали времето е музиката на животот? Јован е маж на Вера. Како што го опишува писателката Митоска, тој е ведар, опуштен и исполнет човек кој наоѓа задоволство во малите нешта. Вера, од друга страна, ниту може да дејствува и да ја промени својата состојба во општеството што се распаѓа, ниту може да се помири и да најде спокојство во својот мирен, „нормален“ живот. Распаѓањето на општеството го симболизира распаѓањето на животот… Сопругот и сопругата имаат различно психолошко време во себе и во нив се наоѓа различен часовник кој што свири различна музика. Иако Вера живее со партнерот во разбирање и љубов. Но, таа се случува дека ништо не се менува, а кога нема промени, времето не е гледа и чувствува. Вера се чувствува заглавена во секојдневните рутини, секој ден и е ист и гледа како животот и минува без вистински да го живее. Постојано го убедува да заминат и да почнат нов живот, но за Јован тоа е неприфатливо. Саатот го следи секој нејзин чекор и буквално и ги брои секундите, поточно, и ги одбројува. Тој часовник чука во неа. Вера и Јован живеат во различно време, во различно темпо. Нивните души не можат да се пронајдат во нивното субјективно гледање на животот. Оваа пиеса обработува бројни социјални и филозофски теми низ лесен дијалог и едноставно дејство. Започнува во јавето, а завршува некаде меѓу јавето и сонот. Репликите се кратки и напишани на едноставен, разговорен јазик. Ќе се почувствува осаменоста, времето, двете души во времето и ќе пробаме да го слушнеме нивниот ритам. Секако и темата распад на душата и распад на општеството ќе игра клучна улога во концептот и идејата на самата претстава“ – вели режисерот Критина Димитрова.
Претставата „Саатот“ е дел од годишната програма за работа на театарот „Војдан Чернодрински“ за 2026 година, поддржана од Министерството за култура и туризам. Премиерата е најавена за почетокот на април.


Сподели на социјалните мрежи