ФИЛМОТ „НА СЀ ДОАЃА КРАЈ“ – ЌЕ СЕ ПРИКАЖЕ ВО КИНОТО „МИС СТОН“ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Љубителите на филмската уметност во Прилеп ќе имаат можност да проследат уште едно значајно остварување од регионалната кинематографија. Во кино „Мис Стон“, при НУЦК „Марко Цепенков“, на 1 април 2026 година (среда) со почеток во 19:00 часот, ќе биде прикажан филмот „На сѐ доаѓа крај“, современа драма со елементи на трилер.
Станува збор за копродукциски проект на повеќе земји од регионот – Хрватска, Бугарија, Србија, Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Турција, реализиран во 2024 година. Филмот е потпишан од режисерот Рајко Грлиќ, кој заедно со Анте Томиќ стои зад сценариото.
Во актерската екипа се вбројуваат имиња како Јелена Ѓокиќ, Живко Аночиќ, Борис Исаковиќ, Јанко Поповиќ Волариќ, Емир Хаџихафисбеговиќ, Ксенија Маринковиќ, Марина Реџеповиќ и Петре Арсовски, кои со своите изведби му даваат тежина и автентичност на наративот.
Филмот ја следи приказната за Макс Пинтер, успешен адвокат од Загреб, кој по добиен случај за двојно убиство, несвесно ја руши сопствената кариера. Во алкохолизирана состојба, тој открива шокантна вистина за својот клиент – моќен бизнисмен кој стои зад злосторството. Ова признание го оттурнува од општеството, го остава без работа, партнери и семејство. Во потрага по правда и лична одмазда, Макс започнува опасна мисија, во која границите меѓу виновните и невините стануваат сѐ понејасни.
Филмот е прикажан и на повеќе филмски фестивали. На Пулски филмски фестивал 2024 освои две Златни арени – за сценографија и за најдобра споредна машка улога (Борис Исаковиќ), додека на Филмски фестивал Херцег Нови 2024, Јелена Ѓокиќ беше наградена со Златна мимоза за најдобра женска улога. Филмот беше прикажан и на Сараево Филм Фестивал.
РАЈКО ГРЛИЌ (Загреб, 1947) е еден од најважните хрватски режисери и сценаристи.
Дипломирал филмска режија на ФАМУ во Прага. Режисер и косценарист е на единаесет играни филмови. Покрај тоа, Рајко напишал десет сценарија за играни филмови и ТВ серии. Добитник е на бројни награди за своите сценарија, вклучувајќи ги и наградите на УНЕСКО, ФИПРЕСЦИ на Канскиот филмски фестивал и наградата „Петер Кастнер”.
„На сѐ доаѓа крај“ претставува силна и актуелна приказна за моралот, моќта и последиците од личните избори – филм што не остава рамнодушен и отвора прашања за одговорноста во современото општество.
Оваа проекција е уште една можност прилепската публика да ужива во квалитетна филмска програма и да биде дел од современите културни текови во регионот.


Сподели на социјалните мрежи