Ретки се децата кои не само што ја негуваат, туку и вистински уживаат во класичната музика. Михаела Пурдеска е една од нив.
Младата прилепчанка уште еднаш го потврди својот извонреден талент, освојувајќи прво место во нејзината дисциплина на Државниот натпревар по соло пеење, кој традиционално се одржува во концертната сала на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ Скопје.
Нејзината љубов кон класичната музика, камерниот израз и џезот, како и посветената работа во текот на годината, резултираа со настап на високо уметничко ниво. Михаела на годинешниот натпревар се претстави со композициите „Come il candore“, „Nel cor più non mi sento“ и „Widmung“.
Зад овој успех стои и менторската работа на професорката Леонарда Богданоска Гиноска, како и поддршката од корепетиторот Цветанчо Николоски, во рамките на ОМУ „Ордан Михајлоски – Оцка“ од Прилеп.
Овој успех не е изолиран, туку дел од континуиран раст и низа значајни признанија. Михаела во изминатите години бележи први места на државниот натпревар по соло пеење во 2024 и 2025 година.
На меѓународен план, таа го освои второто место на натпреварот „Сергеј Михаилов“ во Штип, како и трето место на меѓународниот натпревар „Никола Цвејиќ“ во Рума, Србија, потврдувајќи дека нејзиниот талент е препознаен и надвор од земјава.
Михаела Пурдеска, иако има само 14 години, веќе се наметнува како сериозен млад уметник. Тивка по карактер, но моќна во музиката, таа продолжува да го гради својот пат со посветеност, талент и љубов – вредности што јасно навестуваат една блескава музичка иднина.















