„МОМИНА СОЛЗА“ – КНИГА ЗА ЉУБОВТА, ВЕРАТА И ЧОВЕКОТ: ЕМОТИВНА ПРОМОЦИЈА ШТО ГИ ОБЕДИНИ УЧЕНИЦИТЕ И ПУБЛИКАТА ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Синоќа во холот на СОУ „Ѓорче Петров“ во Прилеп се одржа промоцијата на новата книга „Момина солза“ од авторката Билјана Тинтоска – настан исполнет со силни емоции, духовна длабочина и искрена поврзаност меѓу авторката и нејзините ученици. Преполниот простор беше најдобра потврда за интересот за нејзиното творештво, но и за почитта што ја ужива како професорка и како писател.
Ова е шесто дело на Тинтоска, а особен белег на вечерта беше токму присуството и учеството на учениците, на кои книгата им е и посветена. Дел од програмата ја реализираа членовите на драмската секција „Слободно театарче“, додека особено впечатливи беа интерпретациите на учениците Исидора Николоска и Тоше Тодороски, кои со читање на одломки од расказите внесоа силна емоција и искреност, дополнително доближувајќи ја книгата до публиката.
Директорката Жанета Видеска во своето обраќање ја истакна суштината на наставничката професија, но и духовната нишка што ја носи книгата:
„Најголема награда за еден наставник е присуството на неговите ученици онаму каде што е самиот тој.“
Осврнувајќи се на делото, таа потенцираше дека пишувањето на Тинтоска е проникнато со вера, љубов и морална поука, при што ги издвојува и мислите што оставаат силен впечаток кај читателот:
„Тешка е бурата во морето, уште потешка во душата, ама ни морето ни душата не се чистат без бурата“
и
„Малата светилка, мракот го претвора во ништовност…“
Токму овие пораки, според Видеска, ја откриваат суштината на книгата – дека низ искушенијата човекот доаѓа до прочистување, мир и духовна зрелост.

Промоторки на делото беа Лидија Ристеска и Цеца Видова Трајческа.
Лидија Ристеска, меѓу другото, рече дека станува збор за дело кое со својата тематска и емоционална слоевитост успева да го допре и прикаже внатрешниот свет на човекот, како и секојдневните животни искушенија, задржувајќи притоа јасен и прониклив осврт кон најновото творештво на нејзината колешка.
Цеца Видова Трајческа, пак, ја постави „Момина солза“ во поширок книжевен и духовен контекст, нагласувајќи дека станува збор за дело што не се чита површно:
„Постојат книги што не се отвораат само за да се прочитаат, туку за да се доживеат — тивко, без брзање… ‘Момина солза’ ѝ припаѓа токму на таа ретка категорија.“
Таа посочи дека зад едноставната наративна форма се крие длабока внатрешна динамика, каде вистинските пресврти се случуваат во човековата душа, а духовната димензија е еден од носечките столбови на делото.
Во своето обраќање, Билјана Тинтоска ја отвори најличната димензија на книгата, ставајќи ја љубовта како нејзин централен двигател:
„Може да се рече дека сите мои дела се разновидни пристапи на една иста тема – љубовта. Најголемиот предизвик во книжевноста.“
Таа истакна дека љубовта во нејзините раскази не е само емоција, туку и сила што се проверува низ искушенија, падови и духовни борби, секогаш насочена кон доброто и светлината:
„Ликовите… се борат со своите недоумици, со своето его и спасот го наоѓаат во средбата со себе, со ближниот и со Бога.“
Авторката ја потенцираше и својата намера книжевноста да ја гледа како простор на надеж и позитивно согледување на животот:
„Се трудам… секогаш да го гледам животот од неговата ведра и добродетелна страна.“
Особено емотивен момент беше посветата на книгата на нејзините ученици – матуранти, за кои рече дека се нејзина најголема инспирација и иднина:
„Оваа збирка… е мотивирана од и за нашата младост, моите ученици – нашата иднина.“
Промоцијата заврши во топла и силно емотивна атмосфера, со чувство дека присутните не беа само публика, туку дел од еден искрен, човечки и духовен настан.
„Момина солза“ се наметнува како книга што ги спојува љубовта, верата и реалноста во едно – како тивка, но силна порака дека човекот, и покрај сите животни искушенија, може да избере светлина, добрина и смисла.

Фото: Мартин Христоски

Видео: Андреј Иваноски


Сподели на социјалните мрежи