„БЛУЗ ВО ДУШАТА“ – НОВА АВТОРСКА ПЕСНА НА ИГОР ЈАГУРИНОСКИ

Сподели на социјалните мрежи


Прилепскиот музичар Игор Јагуриноски деновиве ја промовира својата нова авторска песна „Блуз во душата“ – емотивна блуз рок приказна за љубовта, грешките и болката што останува кога човек ќе сфати дека изгубил некого што навистина го сакал.
Јагуриноски, кого публиката го познава како дел од Иги Бок и Rock Blues Band, со години е присутен на музичката сцена, а паралелно со настапите создава и своја авторска музика. И овојпат песната е речиси целосно негово дело – текст, музика, аранжман, свирење, пеење и снимање.
Посебен белег на „Блуз во душата“ дава неговиот син Михаил Јагуриноски, студент на музичка академија, кој отсвирел дел од гитарските сола, додека мастерингот го изработил Борче Шабаноски, долгогодишен музички соработник на Игор.
“Блуз во душата” е песна која преку молските акорди носи емоции обоени со тага, ама тажна е и приказната која служела како инспирација на песната. Гитарите како да плачат во соло делниците. Во песната е опеана вистинска животна приказна која Игор ја слушнал од негов пријател. Пријателот му раскажал дека во еден момент додека бил помлад ја пронашол љубовта на својот живот, својата идеална половина, ама заради неверства кои ги правел останал без неа. Рекол дека до ден денешен жали за тоа.
Во продолжение слушнете ја новата авторска песна на Игор Јагуриноски – „Блуз во душата“.


Сподели на социјалните мрежи