ЖИРИТО ГИ СООПШТИ НАГРАДИТЕ НА 60. МТФ: „ЦРНИЛА“ СО НАЈМНОГУ ПРИЗНАНИЈА, „СТРАВ И НАДЕЖ“ НАЈДОБРА ВО ЦЕЛИНА

Сподели на социјалните мрежи

ПРИЛЕП – Со соопштувањето на одлуката на стручното жири, составено од Снежана Коневски Руси како претседател и членовите Дарко Лукиќ и Аида Буквиќ, познати се добитниците на наградите на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
На денешната прес-конференција претседателката на жирито, Снежана Коневски Руси, истакна дека одлуките биле донесени едногласно. Таа соопшти дека дел од предвидените награди нема да бидат доделени, бидејќи жирито оценило дека не постојат соодветни остварувања кои ги исполнуваат критериумите за нивно доделување.
Најмногу признанија годинава освои претставата „Црнила“ во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Претставата ги доби наградите за режија, сценографија, костимографија, главна машка улога и млада актерка.
Наградата за режија му припадна на Дејан Пројковски, додека Валентин Светозарев е добитник на наградата за сценографија. За костимографското решение беше наградена Марија Папучевска. Во актерските категории, Димитар Ѓорѓиевски ја освои наградата за главна машка улога „Кирил Ристоски“ за ликот на Фезлиев, а Сара Спиркоска е добитничка на наградата за млада актерка за улогата на Неда.
Претставата „Амадеус“ на Турски театар – Скопје, исто така, се закити со признанија. Наградата за главна женска улога ја доби Слаѓана Вујошевиќ за улогата на Констанца, додека Јеткин Сезеир ја освои наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ за улогата на Амадеус.
За улогите во претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар – Скопје беа наградени Биљана Драгиќевиќ Пројковска, која ја доби наградата за женска епизодна улога за ликот на Марија, и Александар Степанулески, добитник на наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ за улогата на Симон.
Наградата за музика „Филип Стевановски“ ѝ беше доделена на Ирена Поповиќ Драговиќ за музиката во претставата „Страв и надеж“ на Македонскиот народен театар. Истата претстава го доби и признанието за уметничко остварување на претставата во целина, кое му беше доделено на ансамблот на НУ МНТ за изведбата на делото според Франц Ксавер Крец.
Жирито одлучи да не ги додели наградите за рекламен материјал, кореографија и сценски движења, современа сценска драматизација и адаптација, како и наградата за современ драмски текст.
Наградите ќе бидат врачени на свеченото затворање на фестивалот вечерва во Прилеп, со што ќе биде заокружено јубилејното 60. издание на најзначајната национална театарска манифестација.


Сподели на социјалните мрежи