„КВАЛИТЕТОТ НЕ СЕ ПРЕТПОСТАВУВА – ТОЈ СЕ ДОКАЖУВА“: РАЗГОВОР СО ПРОФ. Д-Р МАРИЈА СРБИНОСКА ЗА УЛОГАТА НА АКРЕДИТИРАНИТЕ ЛАБОРАТОРИИ ВО СОВРЕМЕНОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО

Сподели на социјалните мрежи

Во време кога квалитетот и безбедноста на производите стануваат сè поважни, улогата на акредитираните лаборатории е од особено значење. Зад секој сигурен лабораториски резултат стојат знаење, компетентност, современа опрема и почитување на меѓународни стандарди.
Научниот институт за тутун – Прилеп денес располага со пет акредитирани лаборатории кои обезбедуваат широк спектар на анализи за земјоделците, институциите и стопанството. За тоа што значи акредитацијата, како функционираат лабораториите и зошто нивната работа е важна за секој производител, разговараме со проф. д-р Марија Србиноска, координатор за квалитет.
Што претставува акредитацијата и зошто е толку важна денес?
Денес корисниците бараат безбедни и висококвалитетни производи, па затоа производителите и добавувачите настојуваат да ги исполнат тие барања. Производите најчесто се испраќаат во акредитирани лаборатории кои работат според меѓународниот стандард MKC EN ISO/IEC 17025:20218, со цел да се утврдат и потврдат нивните карактеристики. Изборот на компетентна лабораторија значително го намалува ризикот од производство или продажба на неквалитетни или небезбедни производи и создава доверба во резултатите од испитувањето.
Кои се најголемите придобивки од акредитацијата?
Акредитацијата носи придобивки за сите. За лабораториите таа претставува потврда на нивната организациска и техничка компетентност. За државата е важен механизам за обезбедување доверба во системот за контрола на квалитетот, а за стопанството значи сигурни анализи, намалување на ризиците и полесен пласман на производите на домашните и странските пазари. Резултатите од испитување на акредитирана лабораторија се меѓународно признати и со тоа се избегнува непотребното повторување на постапките. Потрошувачите, пак, добиваат дополнителна сигурност дека производите кои ги користат се проверени и безбедни.
Со што располага Научниот институт за тутун – Прилеп во оваа област?
Во состав на Институтот функционираат пет акредитирани лаборатории во кои е имплементиран и континуирано се одржува систем за управување со квалитет според стандардот MKC EN ISO/IEC 17025:20218. Во нив работи стручен и компетентен персонал кој располага со современа опрема, следи меѓународни стандарди и постојано работи на унапредување на квалитетот на лабораториските услуги.
Колку е предизвик да се одржи ваков систем за квалитет?
Акредитацијата не е еднократен процес. Таа бара постојано инвестирање во современа опрема, професионален кадар и континуирано подобрување на системот. Нашите лаборатории првата акредитација ја добија во 2009 година, а оттогаш постојано го надградуваат системот за квалитет, следејќи ги најновите меѓународни стандарди и потребите на корисниците.
Неодамна лабораториите поминаа уште една успешна реакредитација. Што значи тоа?
Во март годинава Институтот за акредитација на Република Македонија, заедно со тим од странски оценувачи, спроведе редовен надзор во рамките на петтиот циклус на реакредитација. Процесот беше успешно завршен и потврди дека лабораториите работат во согласност со највисоките барања на стандардот. Ова претставува признание за професионалноста на вработените и за квалитетот на лабораториските услуги.
Во кои области работат лабораториите на Институтот?
Нашите лаборатории покриваат повеќе области. Се вршат анализи на семе од земјоделски растенија, почва, вода, ѓубрива и растителен материјал, испитувања на тутун и тутунски производи, анализа на автентичноста и квалитетот на тутунската суровина, како и контрола на здравствената состојба на растенијата. Секоја лабораторија е специјализирана во својата област и работи според акредитирани методи и националната регулатива.


Колку е важна анализата на семето за успешното производство?
Квалитетот на семето е еден од најважните фактори за успешен раст и развој на земјоделските култури. Во лабораторијата се испитуваат неговата чистота, ртливоста, влагата, здравствената состојба и други параметри кои директно влијаат врз приносот и квалитетот на производството. Дополнително, се врши и стручно земање примероци и подготовка на документација за сертификација.
Зошто анализата на почвата станува сè поважна за земјоделците?
Анализата на почвата е првиот чекор кон успешно земјоделско производство. Таа покажува каква е состојбата на почвата и кои хранливи материи недостигаат, што овозможува правилно планирање на ѓубрењето. Со тоа земјоделците можат да ги намалат трошоците, а истовремено да ги подобрат приносите и квалитетот на производството.
Каква е улогата на лабораториите кои работат со тутун и тутунски производи?
Во овие лаборатории се вршат хемиски, физички и сензорни испитувања на тутунот, тутунската суровина и тутунските производи. Анализите имаат важна улога во контролата на квалитетот, исполнувањето на законските барања и заштитата на потрошувачите. Во соработка со надлежните институции се следи и квалитетот на тутунската суровина и цигарите од домашно производство, како и на оние што се увезуваат или извезуваат.
Кои најчесто ги користат услугите на вашите лаборатории?
Нашите услуги ги користат државни институции, инспекциски служби, компании, производители, увозници, извозници, земјоделски стопанства, но и физички лица. Анализите се изработуваат според акредитирани методи и секој корисник добива стручно толкување на резултатите и совет во согласност со неговите потреби.
Колку е важен човечкиот фактор во една современа лабораторија?
Современата лабораториска опрема е неопходна, но најголемата вредност се луѓето. Компетентноста, искуството и професионалноста на персоналот се клучни за секој точен и доверлив резултат. Затоа постојано се вложува во стручно усовршување и едукација на вработените.
Која е Вашата порака до земјоделците, компаниите и сите кои имаат потреба од лабораториски анализи?
Лабораториската анализа не треба да се гледа како дополнителен трошок, туку како инвестиција. Навремените и точни анализи помагаат да се донесат правилни одлуки, да се подобри производството и да се избегнат непотребни загуби. Нашата цел е секој корисник да добие сигурен, прецизен и меѓународно признат резултат, кој ќе биде основа за квалитетно и успешно производство.
За крај, што Ве мотивира по толку години работа и што претставува најголемо професионално задоволство за Вас?
Да се биде менаџер на лабораторија значи да се преземаат одговорност за сите аспекти на работењето, вклучувајќи ги вработените, методите, опремата, материјали, софтверот и документацијата. Секогаш најважно е да се даде поттик на членови од тимот за да ги применат своите вештини и способности за постигнување на позитивни резултати и остварување на целите на лабораторијата.


Сподели на социјалните мрежи