ПРАЗНИК НА РАДОСТА И НАДЕЖТА

Сподели на социјалните мрежи

Марко Китевски
(од книгата „Македонски црковно-народен календар“, Скопје 2021, 45-55.)

7.I./25.XII. Рождество на Господ Исус Христос – Божик.

(Именден празнуваат: Христо, Христина, Божин, Ристо, Ристана, Ристовка…)

       Божик спаѓа меѓу најголемите христијански празници, зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен-темелник, за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.

       Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање, (значи немало да го има празникот Водици), немало да има ниту Распетие и Воскресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден итн.

       Евангелските текстови[1] сведочат дека римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата. Секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Палестина тогаш била во рамките на Римската империја поради што и праведните Јосиф и Света Дева Марија тргнале од Назерет за да се запишат во Витлеем бидејќи биле од родот Давидов. Кога пристигнале во Витлеем за нив немало место во гостилниците и куќите поради тоа што во градот имало многу народ дојден заради пописот. Некои добри луѓе сакајќи да им помогнат ги упатиле во една пештера во близината на градот каде што пастирите во невреме ги засолнувале овците и козите. Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови, потоа Света Дева Марија го родила својот Син првенец, го повила и го ставила во јаслите. Силната светлина ги исплашила и пастирите што со своите стада ноќевале на отворено на околните ридови, но веднаш потоа ангелот Господов ги утешил и предупредил јавувајќи им ја радосната вест: „Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец како лежи во јасли“. Веднаш потоа хорот на ангелите ја запеал песната: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2/14) Пастирите веднаш отрчале во пештерата каде што ги нашле Марија и Јосифа со Богомладенецот, му се поклониле, а потоа низ градот разгласиле за раѓањето на Спасителот.

Значи, покрај Богородица и Јосиф, на Богомладенецот први му се поклонија пастирите. Токму ним ангелот Господов им ја соопшти веста дека се роди Спасителот на светот. Пастирите не беа повластени први да ја чујат таа вест затоа што беа најблиску до Витлеемската пештера. „Според светите отци, тоа се случи поради многу причини. Прво, поради чистотата на пастирите стекната преку нивното отшелништво и тухување. Второ, затоа што пастирите беа подражаватели и следбеници на живеењето и на добродетелите на старозаветните патријарси. Значи, пастирите не беа случајни личности. Трето, за да се покаже дека Христос е вистинскиот пастир на израелскиот и на многубожечкиот народ. Четврто, за да се објави јасно дека Христос ги избра најпростите по срце и најприемчивите за да го примат ова откровение, а не лукавите книжици и фарисеи. Сето ова го покажува начинот што може секој да го употреби за да ја доживее тајната на Откровението.“[2]

Веднаш потоа кај првородениот син на Света Дева Марија пристигнале и тројцата мудреци од исток на коишто за раѓањето на Спасителот им соопштила необичната ѕвезда на небото којашто и ги довела до пештерата движејќи се пред нив кога тие оделе и којашто стоела кога тие одморале. „И штом влегоа во куќата, го видоа Младенецот со мајка Му Марија и паднаа, па му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна.“ (Матеј 2/11) Овие дарови требало да претскажат дека новороденото дете е во исто време човек (измирната), Бог (ливанот-темјанот) и Цар (златото). Значи, пред Богомладенецот најпрвин се поклониле простите пастири и учените мудреци како овоземни жители, но и ангелите од небото што значи дека тој бил предодреден подеднакво да му припаѓа и на небото и на земјата.

Зошто меѓу првите Исус го видоа и мудреците? „Всушност, Бог нив им се откри, нешто што не се случи со книжниците и со фарисеите, кои го сочинуваа религискиот институт во тоа време. Мудреците не беа астролози, какви што ги знаеме денес, туку астрономи, кои ги гледаа небесните ѕвезди и нивните движења. Во тоа време астрологијата се сметала за наука. Денес, кога науката на астрономијата се оддлечи од астрологијата која е поврзана со метафизиката и со сатанизмот, последнава (астрологијата) е отфрлена од православната вера. Мудреците го препознаа Христа и му се поклонија преку познанието на умот. Преку телесните очи гледаа едно бебе, но преку видот на умот го гледаа вочовечениот Бог. Така мудреците се наоѓа во соодветна духовна состојба за да Го видат и да Му се поклонат на Бога. Тоа не беше работа на наука, туку на внатрешна умна чистота.“[3]

И ѕвездата што ги водела мудреците по многу нешто била необична. „Прво ѕвездата не беше само во движење, туку и стоеше. Кога одеа мудреците, таа се движеше, кога тие застануваа, застануваше и таа. Второ, ѕвездата се движеше пониско од другите ѕвезди, а кога мудреците стигнаа до местото каде што се наоѓаше Христос, се спушти и застана над пештерата. Трето, ѕвездата имаше толкава блескавост, така што ја надминуваше блескавоста на другите ѕвезди (свети Никодим Агиорит). Освен тоа ѕвездата на мудреците се движеше чудно, т.е. од исток кон запад, а на крајот се движеше од Ерусаллим кон Витлеем, т.е. кон југ. И уште, како што вели свети Јован Златоуст, се гледаше и дење, додека сите други ѕвезди не се гледаат од светлината на Сонцето. Според тоа таа блескава ѕвезда беше ангел Господов, а како што вели Јосиф Вриениј таа беше архангелот Гавриил, кој, впрочем беше служител на големата тајна на вочовечувањето на синот и Логосот Божји“.[4]

       Во првите три века не се празнувало раѓањето Христово. Причина за тоа бил христијанскиот поглед на човековиот живот кој не му придавал многу значење на телесното раѓање на човекот туку на неговото духовно раѓање (крштевањето).[5] Поради тоа раѓањето и крштевањето на Исус Христос се празнувало заедно на 6 јануари (19 според новиот календар) Богојавление / Водици, а тоа било ден кога се празнувале повеќе спомени. Подоцна кога човековиот живот почнал повеќе да се цени, се јавила потреба за празнување и на денот на телесното раѓање, а не само на духовното (крштевањето) и на телесната смрт, раѓање за вечен духовен живот. Но и од практични причини се јавила потребата денот на раѓањето на Исус да се празнува одделно од денот на неговото крштевање бидејќи верниците не можеле во исто време да бидат и кај Витлеемската Пештера каде што се празнувало раѓањето и на реката Јордан каде што се празнувало крштевањето.

       По одделувањето од Епифанијата споменот на Христовото раѓање е пренесен на 25 декември (7 јануари според новиот календар). Најстар споменик што зборува за Божик е беседата на Јован Златоуст одржана во Антиохија во втората половина на IV век. Тој појаснува дека за одредување на овој датум се земени два настана: јавувањето на ангелот на Захарија и Благовештението на Богородица.

       Денес, македонскиот народ со многу внимание го празнува Божик, денот на Христовото раѓање. Обичаите што денес се изведуваат се остатоци од минатото, но поголемиот број од нив се исчезнати, а ние денес за нив дознаваме од записите на собирачите на македонски фолклорни и етнографски материјали како што се браќата Миладиновци, К. Шапкарев, Е. Спространов, В. Икономов, М. Цепенков и многу други. Особено од минатото се останати богати обичаи и верувања поврзани со Бадник или Коледе, денот што му претходи на Божик.

        Истражувачите на овие обичаи истакнуваат дека во почетокот Коледе бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото сонце што значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна Христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите свети Августин одговарал: „Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради оној што го создал сонцето“.

       Иако обичаите што се изведуваат на Бадник и Божик во некои детали меѓусебно се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, сепак, во основа се изделуваат неколку заеднички елементи, како што се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, потоа коледарскиот оган заедно со дрвото Бадник, како и коледицата проследена со многу коледарски песни.

       Богатата трпеза со исклучително посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл. според верувањето, има цел врз принципот на имитативната магија да обезбеди богат род на земјоделските култури. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така, заедно со храната да остане целата ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божик. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани. Во Кукушко се подготвувала вечера и за дедо Боже, трпезата се поставувала во дворот, а домаќинот го поканувал: „Поели дедо Боже да вечераме.“ На Бадник софрата се става врз слама за спомен на јаслите од Витлеемската пештера во која е роден Исус. Подоцна со оваа слама се врзуваат овошките со верување дека таа ќе ги штити од болести и штетници и дека ќе дадат богат род.

       На Бадник, во секоја куќа се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата и оној што ќе ја најде се смета за најсреќниот во годината што претстои. Оној што ќе ја најдел парата ја ставал во грне или чаша со вино од која сите пиеле за здравје и среќа. Парата ја земал тој што ја нашол или му ја давал на домаќинот и за тоа добивал подароци.[6]

       Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено Бадник или Бадникојца. Во некои краишта дрвото што се гори е пенушка од даб, во други смрека,[7] а некаде се гори круша горничка (дива круша)[8] зашто се сметало дека таа е најродна, раѓа секоја година. Тоа се правело за да биде и годината родна. Таа ноќ, како што запишал К. Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: Бадник – будник“.[9] И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето, будноста покрај овој обреден оган. К. Шапкарев уште забележал дека во Скопје кога оваа пенушка „ќе приближи на догорување, ги истеруваат машките деца надвор, а остануваат само женските, за да видат само тие кога ќе догори. Тоа значело да се раќаат се женски од живата стока на домаќинот т.е. јагниња, телиња, коњи и сл.“[10] Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека во Кукуш од пенушката оставале едно парче „кое вардат до другата година, за да потпалет огнот во истиот вечер“,[11] а во Воден „това парче закопват в лозје за да се сторит лозјето црно“.[12] Во Дебарско, според записите на В. Икономов, исто така, внимавале “да остане едно парче недогорена гламна коешто секоја вечер од Божик до Богојавление се подгорува и се угаснува со вино – за зачувување од повреда на домашниот ситен добиток.[13]

       Во Струга децата одејќи по коледа носеле дрвени чеканчиња со кои тропале по влезните врати и пееле:

– Сива, сива голабица,

каде си се осивила?

– Таму горе на бел Дунав.

– Што имаше, што немаше?

– Ми имаше златна чаша,

златрна чаша, иконата,

да служиме млада Бога,

млада Бога Божикова,

Божик ми е на небвеса,

слава му е на земјата.

За вечера, на Бадник, се правеле питулици, без масло, само со шербет и ореви. Тоа, всушност, биле постилци (пелени), зашто наскоро ќе се роди царот небесен Исус Христос и треба да биде повиен.[14]

       Во врска со палењето на дрвото Бадник и воопшто со коледарскиот оган во науката постојат главно две теории: соларната која се заснова врз принципот на имитативната магија, која тврди дека огнот има цел да го имитира големиот извор на енергија од небото и да обезбеди доволно светлина и топлина за луѓето, но и за стоката и за билките. Примитивниот човек верувал дека на изнемоштеното Сонце кое во овој период од годината најмалку е видливо на небото и неговото дејство е со најмал интензитет може да му се помогне со силни огнови од земјата. Според другата исцелителна или очистувачка теорија, пак, огновите не се во врска со Сонцето туку со верувањето дека со нив можат да се изгорат сите штетни влијанија, било тие да се од природен или од демонски карактер (болви, вошки, змии, но и болести, вештици, караконџули и сл.)[15]

       Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган, пеат пригодни песни и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др. Една од најпопуларните песни што и сега се пее во овие случаи „Коледе леде“ ја среќаваме и во запис од 1893 година.

Коледе, леде!

паднало греде,

утепало деде.

Дедо се мачи,

баба го квачи,

со четири јајца

гускини, гусќини!

О, О, коледе![16]

Во Разлошко, вечерта спроти Божик, се правела Божиќева најатка, односно вечера со посна храна, грав со кисела зелка, како и ошав (сушени плодови). Исто така, се печеле и „погаче“ како и „леб-проскорник“. Тој леб се покривал со специјално платно (месаљ) и се чекало да се олади. Се верувало дека за тоа време лебот ги посетувал посеаните ниви и ги стоплувал. Јадењата се прекадувале со темјан по што целото семејство вечерало. Храната се оставала да преноќи на софрата. Потоа овој обреден леб се носел и кај стоката, која, исто така, се кадела со темјан. Се внимавало и луѓето и стоката да се сити, затоа вечерата се вика најатка, што значи најадени. Во огнот се ставал палешник (ралник), како и дебело дрво за да гори целата ноќ и утрото да има жив оган. Се верувало дека во таков случај ќе имало среќа и бериќет. Тој ден, спроти Божик, машките деца оделе коледари, носеле икона од св. Богородица, торби и железни патерици, ги посетувале домовите пеејќи коледарски песни. За тоа биле дарувани со пари и земјоделски продукти. Утрото околу 3-4 часот коледарите оделе низ селото и „чинкале со чинкалета“ (специјални чинкалета се чувале во црквата) и на тој начин го објавувале раѓањето на Исус Христос. Во исто време ги буделе селаните да одат на свечено црковно богослужение.[17]

       Коледарските песни немаат развиена мелодија, како што е случај со другите лирски песни, туку се скандираат со карактеристични извици на почетокот и на крајот и со нив се најавува доаѓањето големиот христијански празник, Рождество Христово односно Божик. Таков е случајот и со следнава песничка запишана од Марко К. Цепенков:

Збирајте се дечиња,

стред село на грејачка,

огон да си палиме,

за да се изгреиме,

оти после ќе одиме

Коледа да викаме,

костење да збираме,

за Бадник да јадиме.

Божик да го чекаме

и прасе да јадиме. [18]

       Обичаите и песните што се изведуват и пеат на Божик, всушност, претставуваат продолжение на претходните обичаи и песни поврзани со Бадник. И овие песни ги имаат сите одлики на коледарските песни, радост поради повторното раѓање на Сонцето, желба за плодна година. Сепак, во однос на претходните коледарски песни, особено оние што се пеат покрај коледарскиот оган и во кои доминират еротски содржини, во песните што се пеат на Божик има повеќе елементи од Христијанската религија.

       Она за што сведочат евангелските текстови во врска со раѓањето на Исус Христос го опева и народната песна. За народниот пејач раѓањето на Исус е проследено со вечна светлина со константен интензитет, оган кој ниту ветерот го сили ниту дождот го гасне.

Она страна оган горит,

ветер веит не го силит,

роса росит, не го гасит.

Не ми било силен оган,

туку била Ристовата

Ристовата мила мајка.

Го стигнала Риста Бога,

Риста Бога малечкаго.

Се шеколкат нешто барат

нема во што да повиет,

да повиет Риста Бога.

Се собрале терзиите,

ми исекле десни поли,

десни поли на долами

го повиле Риста Бога

Се собрале овчарите,

овчарите, козарите

ивцепиле кавалите,

запалиле силен оган,

огрејале Риста Бога. [19]

       Во друга песна раѓањето на Исус е опеано како нешто бело на планина што личи на грутка снегова или пиле лебедово.

Што е бело на планина

на планина на рудина,

ал е грутка снегоита,

ал е пиле лебедово?

Ни е грутка снегоита

ни е пиле лебедово,

тук ми била Ристовата

Ристовата мила мајка.

Го извела Риста Бога,

Риста Бога малечкаго

го извела на планина,

на планина на рудина.

Се собрале се овчари

се овчари, се козари,

искршиле кавалите

запалиле силен оган

огреале Риста Бога,

Риста Бога малечкаго.[20]

       Раѓањето на Исус Христос нашло место и во повеќе други верувања и преданија, а некои истражувачи веруваат дека оттогаш останало коледето, децата да одат по куќите и да го соопштуваат раѓањето на Богомладенецот Исус Христос.

       Интересни обичаи поврзани со овој празник сè уште се изведуваат во Западна Македонија, поточно во с. Битуше. Денот пред Бадник се вика Кршенделија и тогаш при ставање на софрата се става и каленик (чинија) со ореви. Секој зема по неколку и ги крши при што се верува дека ако тие се здрави, односно со бели и големи јатки и годината ќе биде плодна, односно семејството ќе има напредок. На Бадник, рано наутро, децата оделе во гората да соберат бодници (бадници). Тоа се дабови гранки коишто потоа стоеле покрај домашната икона односно покрај иконата на светецот заштитник. Вечерта кога ќе седнеле на вечера сите се фаќале за бадниците, при што едно бадниково гранче фрлале во разгорениот оган. Верувајќи дека оваа ноќ може да биде опасна поради негативните демони, луѓето ги затворале портите верувајќи дека со тоа им го затвораат и пристапот на нечистите сили. Тоа трело до пеењето на првите петли кога сите станувале и се подготвувале за одење „в црков“.[21]

       Со Божик е поврзан и обредот Вертеп, еден би рекле, религиозен театар што е познат кај повеќе народи, а кај нас најдолго се задржал во Охрид.[22] Овој подвижен театар поврзан со Рождеството Христово го играле групи од по десетина деца. Две од нив биле статисти што го носеле Вертепот. Вертепот, пак, било едно сандаче што ја претставувало пештерата во која е роден Исус. Тоа сандаче било покриено со хартија во боја, од едната страна било отворено, внатре било украсено, имало и слама и лелејка, имало направено ликови како Пресвета Богородица, свети Јован Крстител, овци, овчари, поклоници итн. Меѓу артистите имало и тројца цареви (Ирод, Валтезар и Гашпар) кои говореле одредени текстови претходно научени. Ако во постарите времиња Вертепот бил статички црковен театар што се изведувал во црквите пред верниците, подоцна тој се изведувал по домовите, кафаните и други места каде што во тоа време, односно, околу Божик, се собирал народот. Вертепот се ставал на маса или друго поиздигнато место за да го гледаат сите. Најпрвин се испевал тропарот „Рождество твоје“, а потоа се изведувала драмата. Потоа присутните го дарувале со пари или плодови. И во домовите се изведувала истата драма со постојани монолози и дијалози особено на тројцата цареви, на овчарот и другите учесници во обредот. Честопати меѓу вертепчиите настанувале жестоки тепачки, поради што се внимавало тие да не се сретнат. Во Охрид е забележан и малку поинаков обред наречен „Со ѕвезда“, кога ѕвезда направена од картон и украсена се ставала на долг стап или се носела во сито каде што имало и икона со Христовото раѓање итн.

       Сличен обред на овој се изведувал и во Струга. Имено, нешто по полноќ на Бадник, до разденување на Божик, групи момчиња изведуваат обред наречен „Ѕвездата Дева“. Тие на овој начин ја соопштувале радосната вест за раѓањето Христово. Обредот го изведувале во куќи каде што имало девојки, приредувајќи на тој начин серенади. Најпрвин правеле куќичка од штици и картони. Во куќичката (кутија) е прикажан амбиентот на пештерата во која е роден Исус. Тука задолжително имало икона со Христовото раѓање и запалена свеќа. Кутијата се поставувала на две долги летви и ја носеле двајца од дружината. Другите со музички инструменти оделе пред куќата на девојката. Тропале на вратата и го пееле тропарот „Рождество на нашиот Господ Исус Христос“. Серенадите со Ѕвездата Дева се сметале за чест на фамилијата што била удостоена ергените да ѝ пеат на нивната девојка. По завршувањето на серенадата момчињата се почестувале со ракија, чај и др.[23]

       Очигледно божиќните обреди Вертеп и Ѕвездата дева содржат повеќе елементи на фолклорен театар со текст, лица, глума, облека, реквизити, публика итн.

       Во народното верување со Божик започнува периодот од 12-те денови т.н. Некрстени или Погани, Караконџерови денови, а некои ги викаат и Ристосови денови, што траат до Водици, период исполнет со многу активности на негативните демони, со религиозен страв и разни магиски заштити. Според народното верување од Божик до Водици, кога Исус не бил крстен и  Богородица била леунка, разни зли демони како вампири, караконџули, вештици и др. ги изведуваат своите оргии и се обидуваат да му наштетат на човекот. Дури на Водици кога се крштева водата се парализираат и нивните дејствија.

       Со Божик е поврзана и пословицата: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си“ што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината исполнет со снежни веавици, но и со други опасности, сепак, најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.


[1] Свето писмо на Стариот и Новиот завет, Скопје 1990.

[2] Митрополит Јеротеј Влахос, Господовите празници (современо богословие), Скопје 2011, 22.

[3] Митрополит Јеротеј Влахос, цит. дело, 24.

[4] Митрополит Јеротеј Влахос, цит. дело. 24.

[5] Л. Мирковиќ, Хеортологија, 85.

[6] Вера Кличкова, Божиќни обичаи во Скопската котлина, Гласник на Етнолошкиот музеј 1, Скопје 1960, 218.

[7] Наум Целакоски, Дебарца, обреди, магии и обредни песни, Скопје 1984, 48.

[8] Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази, прикупио и описао Стефан Тановиќ, учитељ, Београд 1927, 82. (Натаму: Тановиќ)

[9] Кузман Шапкарев, На истото место, 107

[10] К. Шапкарев, На истото место, 128.

[11] Миладиновци, 521.  

[12] Миладиновци, На истото место,

[13] Васил Икономов, Старонародни песни и обичаи од западна Македонија, Скопје 1988, 72.

[14] Јоне Кленко, Записи за минатото на Струга 2,  Струга 2008, 80.

[15] Dzems Dzordz Frejzer, Zlatna grana 2, (proucavanje magije i religije), Beograd 1977, 356.

[16] Гошо Бојаџиев, „Книжици за прочит“, 1893 г.

[17] Ѓорги Поп-Атанасов, Разлошка Елешница, Скопје 2012, 230.

[18] Марко К. Цепенков, Народни песни, книга прва, Скопје 1972, 178.

[19] Од нашата ракописна збирка. Види и: Трајан Никодиновски, Разиграно срце јунаково, Охрид 1975, 106; Душко Наневски, Рождество Христово, „Наше писмо“ г. 1, бр. 6, Скопје 1995.

[20] Наум Целакоски, Дебарца… 58.

[21] Гале Фиданоски, Битуше (празници, традиции, верувања) Куманово 2006, 60; Елизабета Арсоска, Празнувањето на Битуше, како дел од народната култура во западна Македонија, Скопје 2017 година.

[22] Драги Стефанија, Божиќен обред со Вертеп во Охрид, „Македонски фолклор“ бр. 47,  Скопје 1991, 281.

[23] Јоне Кленко, Записи за минатото на Струга 2,  Струга 2008, 82.


Сподели на социјалните мрежи