Повеќе од сто години научна работа, истражувања и создавање знаење што го обликува македонското тутунопроизводство. Научниот институт за тутун – Прилеп одбележува еден век од своето постоење – редок и значаен јубилеј за една научна институција во регионот.
Основан во 1924 година како Опитна станица за проучување на тутунот, под раководство на академик Рудолф Горник, Институтот низ децениите прерасна во современ научно-образовен и апликативен центар кој ја поврзува традицијата со иновацијата.
Со повеќе од 2000 објавени научни и стручни трудови, 209 реализирани научни проекти, активна меѓународна соработка и членство во светската организација CORESTA, Институтот денес претставува значаен чинител во научната заедница.
По повод значајниот јубилеј разговараме со Марија Србиноска, заменик директор на Научниот институт за тутун – Прилеп, за историјата на институцијата, нејзините научни достигнувања, современите предизвици во тутунопроизводството и визијата за иднината.
Сто години постоење е редок јубилеј. Кои се клучните историски пресвртници во развојот на Институтот?
Историјата на Научниот институт за тутун – Прилеп е тесно поврзана со развојот на тутунското производство во државата. Нашата приказна започнува во 1924 година со формирањето на Опитната станица за тутун во Прилеп.
Во 1935 година институцијата прераснува во Институт за тутун, а во 1960 година е законски регистрирана како научна установа.
Значаен чекор во поновиот развој е интеграцијата во Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во 2009 година, со што Институтот стана дел од академската заедница и доби можност за развој на постдипломски и докторски студии.


Што значеше интеграцијата во Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола за научниот и образовниот развој на Институтот?
Научниот институт за тутун – Прилеп својата научна, стручна и апликативна дејност ја реализира како единица во рамките на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Како дел од Универзитетот, Институтот организира студии од втор и трет циклус, со кои се образуваат кадри способни да се вклучат во процесите на производство, преработка и менаџмент во тутунското стопанство.
Институтот создава и пренесува научни и стручни знаења кои го унапредуваат примарното тутунопроизводство, селекцијата на нови сорти, агротехниката, заштитата на растенијата, како и во обработката и преработката на тутунот.
Кои се најзначајните научни достигнувања во областа на создавање нови сорти тутун?
Научноистражувачката дејност на Институтот е насочена кон создавање нови сорти тутун, подобрување на постојните сорти, оптимизирање на агротехничките мерки, како и проучување на болестите, штетниците и хемискиот состав на тутунот.
Од првите линии на ориенталскиот тутун од типот „Прилеп“ до современите сорти како Прилеп 7, Прилеп 23 и Јака 48, Институтот континуирано создава висококвалитетни ориенталски тутуни.
Во последните години сортата Прилеп 66-9 има доминантно учество во производството, со околу 93 проценти од вкупното производство на тутун од овој тип, што значително ја зголемува конкурентноста и побарувачката на македонскиот ориентален тутун на пазарот.
Институтот исто така ја одржува националната ген-банка со богата колекција на автохтони, домашни и странски сорти и видови тутун. Во комората за активно чување се наоѓаат 56 референтни примероци тутун кои се впишани во националната сортна листа и уште 110 други примероци на автотхони и други видови и сорти тутун.
Како истражувањата за болести, штетници и плевели придонесуваат за одржливо производство?
Воведувањето современи агротехнички практики и интегрирани мерки за заштита овозможува производство на висококвалитетна суровина и истовремено намалување на производните трошоци.
Преку научно засновани препораки за контрола на почвената плодност и употреба на најсовремена заштита на тутунот, се намалуваат ризиците и се обезбедува долгорочно одржливо производство на тутун.
Каква е улогата на лабораториите за контрола на квалитетот?
Институтот е една од првите институции во земјата која уште во 2009 година доби сертификат за акредитација според меѓународниот стандард ISO/IEC 17025.
Денес функционираат пет акредитирани лаборатории кои вршат анализа на семе, почва, ѓубрива, растителен материјал, тутун и тутунски производи, како и контрола на здравјето на растенијата.
Овие лаборатории обезбедуваат анализи и извештаи неопходни за увози и извоз, како и гаранција за квалитетот и автентичноста на тутунската суровина.


Што значи членството во CORESTA за Институтот? Што значи тоа за меѓународната видливост и кредибилитет на македонската научна мисла?
Институтот е член на Центарот за научни истражувања поврзани со тутунот – CORESTA од 1956 година и активно учествува во нејзините работни групи и научни собири. Ова обезбедува меѓународна видливост, размена на знаење и зацврстување на кредибилитетот на македонската научна работа во областа на тутунот.
Денес се работи на поставување на научно истражувачки проекти за зголемено производство, принос и квалитет на тутунот со употреба на семенски материјали со потврден генетски потенцијал, примена на меѓународни искуства и знаења.
Со поттикнување на најсовремени истражувања, развој на знаење и соработка, Институтот учествува во решавањето на клучните прашања од тутунопроизводството, со основна цел – одржливост, иновација и унапредување.
Институтот е единствена овластена институција за производство на семенски материјал од тутун. Како оваа улога влијае врз националното тутунско стопанство?
Со производство на сертифицирано семе од тутун, Институтот гарантира сортна чистота, стабилен принос и висок квалитет на тутунската суровина.
Ова има директно економско значење за националното тутунско стопанство и придонесува за подобрување на социјалната и економската состојба на населението во регионите каде што се произведува тутун.
Со законската регулатива од употреба на сертифицирано семе преку склучување на договори за производство и превземање на произведените количини тутун од страна на регистрирани откупувачи и субвенционирање од страна на државата, оваа гранка има перспектива
Каков кадар создава Институтот преку студиите од втор и трет циклус?
Создаваме магистри и доктори на науки со силна практична и истражувачка основа. Нашите кадри се препознатливи по експертизата во селекција, производатво и агроменаџмент и се конкурентни на пазарот на труд.
Овие кадри се оспособени да работат во научни институции, државни органи, локални самоуправи, земјоделски компании, како и во образованието и истражувачките центри.
Списанието „ТУТУН/TOBACCO“ се издава повеќе од седум децении. Како се одржува неговиот научен кредибилитет?
Списанието „ТУТУН/TOBACCO“ се издава од 1951 година и претставува важна научна публикација во областа на тутунот.
Во него се објавуваат научни и стручни трудови од домашни и странски автори, а списанието претставува интердисциплинарна и рецензирана публикација и има меѓународен уредувачки одбор и отворен пристап.
Со какви предизвици се соочува тутунското производство денес?
Современото тутунопроизводство се соочува со предизвици поврзани со климатските промени, пазарните услови и законските регулативи.
Затоа Институтот работи на воведување современи агротехнички решенија, интегрирано управување со штетници и примена на принципите на добрата земјоделска практика.
Заштита на биодиверзитетот во производството на тутун се постигнува со имплементирање на современи агро-еколошките програми кои не ја загадуваат животната средина и би ги намалиле штетните последици од интензивното земјоделство.
Каква е визијата за следните 100 години на Научниот институт за тутун – Прилеп?
Нашата визија е интеграција на науката, образованието и практиката со фокус на одржливост и иновации.
Институтот ќе продолжи да развива нови технологии, да учествува во креирањето национални политики во земјоделството и да го унапредува производството на ориенталски тутун.
Целта е и во следниот век Научниот институт за тутун – Прилеп да остане препознатлив научен центар што создава знаење и го поттикнува развојот на земјоделството.

















