„МАЈЧИН ЈАЗИК“ – ПЛАТФОРМА ШТО ИМ ПОМАГА НА ДЕЦАТА ВО ДИЈАСПОРАТА ДА ГО НЕГУВААТ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И ТРАДИЦИЈАТА: ИНТЕРВЈУ СО ТИМОТ ЗАД ПЛАТФОРМАТА „МАЈЧИН ЈАЗИК“

Сподели на социјалните мрежи

Во време кога сè повеќе македонски семејства живеат надвор од татковината, прашањето како да се зачува мајчиниот јазик кај најмладите станува сè поактуелно. Разбираат – но не зборуваат. Сакаат – но не секогаш имаат доволно зборови. Токму од оваа реална семејна фрустрација се роди платформата „Мајчин јазик“, иницијатива на четиричлен тим од различни професионални профили, обединети околу една заедничка мисија – да им помогнат на децата во дијаспората да го научат, засакаат и зачуваат македонскиот јазик.
Преку дигитални материјали, видеа и идни едукативни активности, тие создаваат мост помеѓу генерациите, културата и идентитетот. Разговараме со тимот кој стои зад оваа идеја – за нивната мотивација, предизвиците и визијата.

Како се роди идејата за „Мајчин јазик“ и што ве поттикна да го започнете овој проект?
Идејата започна како идеја за реализација на платформа за е-учење и споделување на дигитални ресурси, но вистинската идеја го доби денешниот лик како реална потреба за изучување на македонскиот јазик на децата на Македонците кои живеат надвор од Македонија, која ја идентификува еден од членовите на нашиот тим, којшто заедно со своето семејство живее долги години во Холандија. Дополнително, нашата приказна е мотивирана од идејата да го зачуваме фамилијарното наследство преку учењето и негувањето на мајчиниот јазик. За таа цел, дизајнираме и нудиме можности за родителите, бабите, дедовците и сите роднини кои сакаат да ја споделат убавината и традицијата на мајчиниот јазик, на следните генерации.

Вие сте тим од четири лица со различни профили – како се надополнувате и кој што носи во проектот?
Моментално се соочуваме со доста неквалитетна интернет содржина, примарно генерирана од нестручен кадар и многу често креирана исклучиво со вештачка интелегенција. Самиот недостиг на квалитетна и автентична содржина и од лингвистички и технички аспект, проблемот со кој родителите се соочуваат и начинот на кои новите генерации растат и конзумираат содржина, нѐ поттикна да пристапиме на проблемот од поинаква страна. Токму оттаму, хетерогеноста на тимот придонесе да се надополнуваме со компетенциите што секој од нас ги поседува. Билјана е професор по македонски јазик и литература и писател, Кате е графички инженер, Дарко е ИТ експерт, но и татко на две деца кои растат во дијаспората и се соочува со овие проблеми, а Марјан е универзитетски професор по е-бизнис.

Колку е сериозен проблемот со губење на мајчиниот јазик кај децата што растат во странство?
Проблемот е сериозен онолку колку што ние самите ќе го направиме сериозен. Сите фамилии кои своите деца и внуци ги одгледуваат надвор од нашата држава треба да размислат дали губењето на нашиот мајчин јазик е проблем за нив и со тоа самите да се погрижат да го зачуваме на секој можен начин. Дали тоа ќе биде преку зборување, пишување, читање, гледање интернет содржина, не е важно. Значајно е децата да го почувствуваат и зачуваат својот идентитет и да бидат горди на него. Поведени од пораката „Говорниот јазик опстојува низ една генерација, пишаниот јазик опстојува со векови“, за нас проблемот е сериозен и се надеваме дека со поддршка на нашата заедница ќе го решаваме на многу начини.

Зошто децата, често, разбираат македонски, но одбиваат да го зборуваат?
Ова е многу комплексна тема и нема краток и лесен одговор. Ние направивме мало истражување на оваа тема и токму затоа одлучивме нашите содржини да бидат поразлични од останатите.
Децата кои растат во дијаспората имаат доста бариери кога станува збор зборувањето на мајчиниот јазик. Најпрвин е доминацијата на останатите јазици, јазикот на земјата каде живеат и англискиот јазик во споредба со македонскиот. Тие слушаат, читаат, зборуваат и размислуваат на овие доминантни јазици. Еден од лингвистичките фактори е токму т.н. рецептивна двојазичност, кога децата разбираат скоро сѐ, а одговараат на друг јазик. Истражувањата посочуваат дека разбирањето на јазикот инволвира различни вештини и делови од мозокот, наспроти процесот на генерирање реченици на тој јазик. Факторот на немање доволно вокабулар и незнаењето како да составиш проста реченица на тој јазик е исто важен, особено поради различните правила во граматиката.
Според нас, еден од најзначајните фактори покрај сѐ е самодовербата, поврзана емоционално и со стравот од правење грешки, стравот од исмејување доколку се направат тие грешки. А кај повозрасните деца и тинејџерите – немањето самодоверба, идентитетот, како и гордоста од своите корени. Многу често тие мислат дека тоа не е кул, дека доколку зборуваат на друг јазик не припаѓаат каде што се наоѓаат. Но, самото идентитетско прашање може да биде и најголем двигател во учењето и зборувањето на јазикот.
И секако, најкритична точка е немањето соодветна содржина, што особено е во тек со денешните трендови. Традиционалните начини на учење, од типот на курсеви, книги, работилници немаат голем ефект. Најмногу поради динамиката на животот во средините каде растат децата. Родителите не можат да посветат многу внимание, немаат доволно дигитални содржини што би ги поттикнало да учат и да зборуваат и сето тоа доведува до тоа каде што сме. Тоа не е генерално проблем само со македонскиот јазик, туку со сите јазици кои се во загрозена зона. И што е најважно, не може да се реши со една акција или краткорочно решение, особено не со решавања одвнатре од Македонија, без инволвирање на дијаспората и разбирање на нивните проблеми.

Вашиот пристап е насочен кон разговорен јазик преку приказни – зошто го избравте овој метод?
Приказните се дел од нашето постоење, дел од нашето секојдневие. Приказни се раскажувале од пред 2000 години, а нашите баби и дедовци ни раскажувале приказни кои до ден денеска ги памтиме. Раскажаната приказна надополнета со видео, дополнително ја зголемува шансата да остане врежана во мислите на нашите деца. Се трудиме и за слушање и за гледање да биде пријатно за децата и во оваа прилика би сакале да ја споменеме и Софија Ангелеска која се јавува како наратор во нашите видеа.

Како изгледаат вашите материјали и по што се разликуваат од класичните начини на учење?
Нашата цел не е децата само да научат да зборуваат македонски јазик и неговата граматика, туку да научат за нашата традиција, култура, религија, музика, празници, познати личности и слично, преку кратки приказни. Токму преку приказните сакаме да ги доловиме сите елементи од животот во нашата држава и нашето секојдневие. Да ја засакаат нејзината култура, музика, итн. Работиме на понуда на содржини во кои секој збор раскажува приказна за културата, традицијата, религиозните и духовните вредности, колективната мудрост и историјата. Така се обезбедува поврзување на родот низ времето и границите. Ако искрено на своите потомци им посакувате зачувување на овие вредности, тогаш на нашата платформа сте на вистинското место.

Каква улога има заедницата што ја градите и колку таа помага во процесот на учење?
Со оглед на тоа што започнавме со промовирање на идејата и нашата заедница пред два месеца, иницијалниот интерес и поддршка се големи. Нашите во странство ги препознаваат ситуациите и проблемите со кои се соочуваат при зачувувањето на јазикот и со тоа даваат поддршка на проектот. Секој кој сака да ни се придружи, може да го стори тоа на социјалните медиум, нашата веб страна. Следете нѐ на:
https://www.youtube.com/@MajcinJazik

https://www.facebook.com/@MajcinJazik

https://www.instagram.com/@MajcinJazik
и приклучете се на заедницата на
https://www.majcinjazik.mk

Какви реакции добивате од родителите и дали има приказни што особено ве допреле?
Како што споменавме, рано е да споделиме некои посериозни приказни или реакции бидејќи нашата промоција и генерирање на содржина тукушто започна, но секако, како за почеток имаме голема поддршка. Родителите и бабите/дедовците кои го имаат овој проблем со нивните позитивни коментари, сугестии и заинтересираност, ни даваат голема надеж дека имаме потреба за ваква содржина и интерес на зачувување на мајчиниот јазик. За нашите деца кои се раѓаат и растат во другите земји, мајчиниот јазик е некој друг јазик. Но, ќе бидеме среќни кога тие деца ќе чувствуваат самодоверба и го употребуваат македонскиот јазик во комуникација со нивните родители, баби, тетки и другари без никакви бариери и ќе го чувствуваат како свој мајчин јазик.

Кои се следните чекори за „Мајчин јазик“ и што може да очекуваме во блиска иднина?

Веќе имаме однапред доста подготвени материјали и содржини кои во меѓувреме ги работиме и дел ги објавуваме на нашите социјални медиуми. Од учење на азбуката и општ вокабулар, пишување на кирилица, читање на зборови и реченици, до видеа за празници, музика, култура, итн. Дополнително ќе следи и цела серија со видеа раскажани преку секојдневните активности на нашите иселеници. Имаме и голем број други идеи за проширување на проектот во други насоки, но секако тоа ќе зависи од неговото прифаќање и употреба….

Што би им порачале на родителите кои се соочуваат со оваа фрустрација – дека децата разбираат, но не зборуваат?
Не се откажувајте од својот идентитет и јазик. Работете со вашите деца и внуци на сите можни начини за да можат да го научат и зборуваат македонскиот јазик. За жал родителите или бабите/дедовците и иницијативите како Мајчин јазик се единствената надеж за тоа и од нивната и нашата желба зависи дали нашите деца ќе го зачуваат и ќе го пренесуваат нашиот јазик на следните генерации, кои можеби ќе растат во странство или во нашата земја.


Сподели на социјалните мрежи