ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ ТРАДИЦИЈА: ВО НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ОДРЖАТ 40. МАРИОВСКО-МЕГЛЕНСКИ КУЛТУРНИ СРЕДБИ ВО МАРИОВО

Сподели на социјалните мрежи

Во недела, 28 јуни 2026 година, во манастирскиот комплекс „Св. Илија“ во Мариово, ќе се одржат 40. Мариовско-мегленски културни средби, јубилејно издание на една од најзначајните традиционални манифестации во прилепскиот регион, која веќе четири децении ги обединува луѓето од Мариово и Меглен, нивните потомци и бројни љубители на народната традиција и култура.
Манифестацијата е посветена на зачувувањето и афирмацијата на богатото културно и духовно наследство на Мариово и Меглен, негувањето на народните обичаи, фолклорот, песната и традиционалните вредности, претставувајќи место на средба, дружење и потсетување на заедничките корени.
Според програмата, денот ќе започне во 7 часот со организирано поаѓање од пред Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, а во 8 часот во манастирот „Св. Илија“ ќе биде отслужена света литургија.
Свеченото отворање на јубилејните средби е закажано за 10 часот, а манифестацијата ќе ја отвори претседателот на Здружението „Мариовско-мегленски културни средби“, Стојан Ѓуровски. Поздравен говор ќе има и градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.
Во рамките на програмата ќе биде одржано и излагањето „Неколку зборови за културното наследство во Мариово“ на Тренчо Димитриоски, како и хумористично-сатиричниот настап „Малку хумор и сатира: Мариово Република“.
Културно-уметничката програма ќе биде збогатена со настапите на пејачката група „Орхидеја“ од Прилеп, пејачката Софија Коческа, ансамблите за фолклор „Гоце Делчев“ од Битола и „Филип Петровски“, Фолклорниот центар и ансамбл „Божида“ од Битола, како и Студио „Езгија“. По официјалниот дел ќе следуваат заедничка веселба и ручек за учесниците и посетителите.
Организатор на манифестацијата е Здружението „Мариовско-мегленски културни средби“ – Прилеп, кое и оваа година ги повикува сите некогашни и сегашни жители на Мариово и Меглен, нивните пријатели и почитувачи на традицијата да бидат дел од јубилејните, 40. Мариовско-мегленски културни средби и заедно да одбележат четири децении посветеност на културното наследство, спомените и заедништвото.

Фото од архивата на организаторот на манифестацијата Здружението „Мариовско-мегленски културни средби“ – Прилеп


Сподели на социјалните мрежи