ОЧИ ПОЛНИ СОНЧЕВИНА, Андриана Ристеска

Сподели на социјалните мрежи

ОЧИ ПОЛНИ СОНЧЕВИНА

Сета вера што ја имав
ја пуштив кон светлината.
А таму облаците
за миг се разделија,
сончевите зраци
како светулки се разлетаа,
низ зениците ми се провнаа,
во мене силно светнаа.

Сета надеж што ја имав
ја пуштив високо да полета.
А од таму илјадници
птици ми долетаа,
волшебна песна
нашироко се разлеа,
до мене стигна,
срцето ми го распеа.

Сета љубов што ја имав
во градината ја посеав.
А таму илјадници
цветови изникнаа,
најубавите мириси
наоколу ги раширија,
мене ме прегрнаа,
душата ми ја замирисаа.

И еве ме пак насмеана,
еве ме пак распеана
со душа што на љубов мириса,
со очи полни сончевина.

Андриана Ристеска


Сподели на социјалните мрежи