Image Not Found
loader-image
Прилеп
07:26, 25/11/2026
temperature icon -1°C

СО ПИЕТЕТ КОН ХЕРОИНАТА ВЕРА АЦЕВА – ИСТОРИСКИ ОСВРТ НА ЖИВОТОТ И ДЕЛОТО НА НАРОДНИОТ ХЕРОЈ

Сподели на социјалните мрежи

Со исполнет салон во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп се одржа предавањето „Со пиетет кон хероината Вера Ацева“, посветено на животот, револуционерната дејност и историската улога на народниот херој Вера Ацева (24.11.1919 – 10.11.2006), по повод 20 години од нејзината смрт.
Предавањето го одржа Рубинчо Белчески, историчар и кустос-советник во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп, кој преку обемен историски приказ го претстави животниот пат на Ацева, нејзиното револуционерно дејствување и придонесот во општествениот развој.
Во воведниот дел, Белчески се осврна на значењето и улогата на жените во историјата, потсетувајќи на истакнати жени од светската и македонската историја, а потоа го претстави и револуционерното семејство Ацеви од прилепското село Ореовец, од кое потекнува Вера Ацева.
Посебно внимание посвети на нејзиното вклучување во младинското работничко и револуционерно движење уште на 16-годишна возраст, активностите во Прилеп пред и за време на Втората светска војна, како и нејзината улога во подготовките и почетокот на народното востание на 11 Октомври 1941 година.
Зборувајќи за решителноста на Вера Ацева во тие историски моменти, Белчески потсети и на сведоштвото на Крсте Црвенковски, кој истакнал:
„За мене, беше пресудна решителноста на Вера Ацева. Таа цврсто остана на ставот да ја извршиме акцијата и покрај писмото од ПК за нејзино одложување“.
Историскиот осврт продолжи со нејзиното учество во Народноослободителната борба, раководните функции во партиските и воените структури, учеството на Првото заседание на АСНОМ, како и нејзиниот ангажман во повоениот период. Беа претставени и нејзините општествени и политички функции, работата во Антифашистичкиот фронт на жените на Македонија, како и активностите во македонските и сојузните институции.
Излагањето беше проследено со стотици фотографии, кои го надополнија историскиот приказ и овозможија поширок увид во животот и дејноста на Вера Ацева. Фотографиите од различни периоди, места и настани беа значаен дел од презентацијата, документирајќи го нејзиното присуство во историските, политичките и општествените случувања.
На почетокот на настанот се обрати Мимоза Христоска, директорка на НУ Завод и Музеј – Прилеп, која посочи дека предавањето е дел од планираните активности на институцијата и се реализира во соработка со Градската библиотека „Борка Талески“.
Директорката на библиотеката, Андријана Ристеска, го истакна задоволството од долгогодишната соработка со Заводот и Музеј – Прилеп, како и од можноста библиотеката да биде домаќин на вакви предавања и содржини посветени на историското и културното наследство.
Во завршниот дел, Белчески отвори и прашање за начинот на кој родниот град треба да го зачува споменот на Вера Ацева. Тој потсети дека, и покрај нејзиниот историски придонес, во Прилеп нема објект, установа или улица што го носи нејзиното име, па упати конкретен предлог до локалната самоуправа мостот со кружниот тек кај „Табана“, во близина на некогашната семејна куќа на Ацеви, да го носи името „Вера Ацева“.
Предавањето заврши со зборовите на Вера Ацева, кои Белчески ги издвои како порака што ја одразува нејзината животна определба:
„ВЕРБАТА ДЕКА ЌЕ УСПЕЕМЕ БЕШЕ ПОСИЛНА ОД СÈ“.
Настанот беше реализиран во рамките на Програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во 2026 година, донесена од Собранието на Република Македонија.


Сподели на социјалните мрежи