„АРХЕОЛОГИЈАТА Е ЖИВА ПРИКАЗНА ЗА ПРИЛЕП И ПЕЛАГОНИЈА“

Сподели на социјалните мрежи

Разговор со Душко Темелкоски, кустос советник во НУ Завод и Музеј – Прилеп
Постојаната археолошка поставка во прилепскиот музеј претставува вистинско патување низ милениумите – од најраните неолитски заедници, преку времето на македонските кралеви и Римската империја, па сè до доцниот среден век. За значењето, развојот и највредните експонати разговараме со Душко Темелкоски, кустос советник во НУ Завод и Музеј – Прилеп.
Г-дин Темелкоски, од кога датира археолошката дејност во музејот и како се развивала низ годините?
– Одделението за археологија постои уште од самото формирање на Народниот музеј во Прилеп, во 1955 година. Институцијата во 1981 година прераснува во НУ Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и Музеј Прилеп, а од 2003 година функционира како Национална установа – Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј, Прилеп. Тој континуитет значи посветена и систематска грижа за археолошкото наследство на регионот.
Кога е оформена Постојаната археолошка поставка и што претставува денес?
– Постојаната археолошка поставка е поставена во 1961 година во рамките на зградата на музејот. Во 2011 година беше целосно преуредена и збогатена со нови експонати, цртежи и фотографии. Денес таа претставува синтеза на најрепрезентативните наоди од прилепскиот дел на Пелагонија и Мариово – еден уникатен недвижен објект и бројни движни предмети, добиени преку ископувања, рекогносцирања, откуп и поклон. Хронолошки, материјалот се движи од праисторијата до доцниот среден век.
Праисторијата е особено богато претставена. Што може да се види од овој период?
– Праисторијата е застапена со над 450 експонати, од раниот неолит, односно почетокот на VI милениум п.н.е., па сè до доцноархајскиот период (VI – V век п.н.е.). Изложени се керамички садови со различни форми, кои сведочат за секојдневниот живот, како и предмети поврзани со духовниот свет, култот и религијата. Тука се и орудија и оружје од камен, коска и метал, како и разновиден накит изработен од коска и метал.
Еден од највпечатливите експонати е неолитскиот жртвеник од Врбјанска Чука. Што го прави толку значаен?
– Станува збор за уникатен култен објект од локалитетот Врбјанска Чука кај селото Славеј. Според начинот на градба и димензиите, тој е единствен од ваков вид не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот. Во него се извршувале заеднички религиски ритуали во рамките на тогашната населба. Тоа е редок пример на зачуван недвижен култен објект од неолитот.
Како е претставен античкиот период во поставката?
– Антиката е претставена со бројни наоди што говорат за животот во времето на македонските кралеви и Римската империја. Имаме керамички и метални садови, накит од злато, сребро и бронза, орудија и предмети со различна намена. Од оружјето се издвојуваат шлемот од Градиште кај селото Дебреште и штитовите со инскрипција на името на македонскиот крал Деметриј I, кој владеел на преминот од IV во III век п.н.е.
Особено внимание привлекуваат мермерните бисти од Стибера. Што ни откриваат тие?
– Римските мермерни бисти и скулптури се навистина импресивни. Претежно потекнуваат од античкиот град Стибера кај Чепигово и претставуваат божества и видни граѓани. Речиси сите, освен една, се изработени од мермер од рудникот Сивец, кој и денес е активен. Особено значајна е бистата на Фаустина Помладата, сопруга на императорот Марко Аврелиј. Таа е изработена во денешна Италија и по налог на владетелот испратена во Стибера, каде што е пронајдена во зградата на главното пазариште, агората. Нејзиното присуство се поврзува со улогата на патрона на трговијата.
Што сведочат средновековните наоди за животот во овој период?
– Средновековниот материјал потекнува од повеќе некрополи, особено од просторот околу црквите во Варош, како и од локалитетите Задна Река кај Витолиште и Трпчева црква кај Дуње. Датираат од XI до крајот на XIV век. Најзастапени се украсни предмети – наушници, ѓердани, приврзоци, белегзии и прстени од сребро, бронза, железо и стаклена паста. Дел од нив, како енколпионите и крстовите, имаат апотропејска улога и се директно поврзани со христијанизацијата на словенското население. Изложени се и предмети со практична намена – појасни токи, копчиња, аграфи, како и керамика, алат и оружје.
Каква порака носи Постојаната археолошка поставка?
– Таа сведочи за континуитетот на животот на овие простори низ илјадници години. Богатството на движниот археолошки материјал од спомнатите временски периоди говори за интензивно и динамично живеење. Нашата задача е тоа наследство да го зачуваме, но и да го доближиме до јавноста – како жива приказна за Прилеп, Пелагонија и Мариово.


Сподели на социјалните мрежи