Секогаш е исто.
Градот мириса на суров асфалт
и на луѓе што брзаат
за да не се соочат со тишината
во своите станови.
А јас научив да ја поканувам тишината на вечера.
И ставаме две чинии,
иако само јас сум гладна.
Меланхолијата е занает
што се учи со години:
Како да ги премолчиш зборовите
што ти го гребат грлото.
Како да ги избришеш пораките што никогаш не требало да бидат пратени.
Како да изгледаш како целина, додека внатрешноста ти е во ситни парчиња.
Понекогаш, во три наутро,
ги бројам сите пати
кога се изневерив себеси
за да му угодам на некој
што не знаеше
ни како ми се смеат очите.
Тоа е најтешкиот мамурлак.
Оној од премногу давање
на погрешни адреси.
Не верувај во љубов од романите малечка.
Слушај паталец, а не гаталец.
Запиши го ова некаде на маргините:
Дури и кога мислиш дека се се распаѓа.
Дека си уништена.
Не си скршена.
Само си редизајнирана од животот.
А пукнатините?
Низ нив влегува светлината,
дури и кога е сива.
Викторија Стојовска















