Лина Димоска е писателка од Прилеп, авторка на романи, поезија и детски книги кои ја истражуваат човечката душа, љубовта и личната слобода. Со својата книга „Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“, таа го привлече вниманието на младите читатели, а детската книга „Мачорот Тане“ ја освои имагинацијата на најмалите. Заедно со поетот Филип Димкоски, Лина го организира поетско музичкиот перформанс „Љубење со стихови“, го формира здружението Зокум посветено на литературата, културата, уметноста и образованието и за Нова година изведува перформанс за деца во Крушево. Во ова интервју, Лина ни открива како создава свои дела и како ја гледа македонската книжевна сцена.
Лина, како започна вашата љубов кон пишувањето?
Љубовта кон пишувањето кај мене започна многу рано, кога заборавив дека треба да се подготвам за првата писмена работа по македонски јазик, па на часот, користејќи ја имагинацијата, морав сама да го напишам расказот на тема „Пролет“. Се сеќавам дека пишував за цвтчиња, кои танцуваат над ливадата како девојчиња, облечени во шарени фустанчиња. Наставникот ме пофали и ме охрабри да продолжам. Добив петка и после тоа никој веќе не се понуди да ми помогне околу подготовките за писмени работи. Хаха! Пишувањето и читањето ме придружуваа додека бев тинејџерка, но не се охрабрував да ги споделам расказите или песните што ги пишував со луѓето околу мене. Паузирав од пишување додека студирав, но веднаш потоа се вратив на хобито од детството. Поривот кај мене како уште повеќе да порасна и сега речиси нема ден, а да не посегнам по тастатурата и да не запишам нешто, краток тест, песна, идеји за раскази, нови пасуси во недовршена книга и слично.
Што ве инспирира најмногу кога создавате нови приказни или поезија?
Инспирацијата секогаш доаѓа од различни нешта и најчесто доаѓа неочекувано. Често ме инспирира природата, реките, некогаш инспирација добивам набљудувајќи ги луѓето и појавите околу мене. Често ме инспирираат разговорите со другите, некои подзаборавени случки, на кои откако ќе се сетам, ми доаѓа да ги модифицирам и да ги запишам. Ме инспирира Прилеп, прилепските обичаи, пазарот, чаршијата. Ме инспирираат историски ликови, настани, посети на музеи. Некогаш, инспирацијата доаѓа спонтано, додека седам дома и не правам ништо. Да не го заборавам и мојот домашен миленик, мачорот Тане, кој беше инспирација за цела книга. Секогаш е различно и тешко е да се одговори на ваков тип на прашања. Едноставно, се случува.
Вашата книга „Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“ обработува растење и лична слобода. Што сакате читателите да однесат од ова дело?
– „Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“ е приказна за млада жена, која треба да се справи со траумите од врсничкото насилство и да си продолжи со животот. Пораката која сакам да ја испратам преку оваа книга е дека кога ќе зачекориме во светот на возрасните, сите ние треба да се погрижиме за себе, да престанеме да ги обвинуваме другите за она што ни се случува и да го земеме животот во свои раце. Верувам дека е тешко да се направи тоа, но никој нема да се појави за да нѐ спаси. Наша должност е да се спасиме себеси. Треба да ги прифатиме работите што не можеме да ги смениме, да се надоградуваме, да растеме и да созреваме. Никој не може да го направи тоа во наше име.
Во „Мачорот Тане“, детската книга, има многу авантура и хумор. Дали писателот мора да има детска страна за да создава вакви дела?
– „Мачорот Тане“ е дело, во кое лично јас, најмногу уживам. „Мачорот Тане“ е детето Лина, односно детето кое го негувам во себе. Пишувањето за деца, според мене, носи голема одговорност за писателите бидејќи на децата не смееме да им сервираме било што, ако сакаме од нив да изградиме личности со вистински вредност. Преку „Мачорот Тане“, нескромно, ќе речам дека многу вешто, преку хумор, игра и забава, успевам да пренесам до децата важни пораки, кои можат да им послужат не само нив, туку и на возрасните. Додека ја пишував книгата, јас сакав да ми биде забавно, да ми биде смешно и да уживам и најверојатно енергијата која сум ја вложила пишувајќи ги расказите за мачките, се пренела низ страниците. Секој лик и секоја случка во книгата кај мене будеа нова возбуда и многу размислував како вредностите и поуките што ги носи секој расказ да ги преточам во една возбудлива игра за мачките и за детето Калин. Мислам дека децата најмногу учат преку забава и игра и ме радува што „Мачорот Тане“ станува омилена книга и лик кај многу дечиња.


Вашата поезија, како во „Љубовни писма за еден прилепчанец“, е интимна и емоционална. Како се чувствувате кога ги читате стиховите на јавен настан?
– Гласно да се чита било чија поезија е многу одговорно бидејќи поезијата треба да се интерпретира, да се доближи до слушателот, да се разбудат некои емоции, па и некои сеќавања кај него. Најчесто пишувам љубовна поезија и затоа кај мене постоеше онаа дилема, дали таа поезија треба да се сподели и како ќе биде сфатена од страна на луѓето околу мене, но откако се охрабрив да ја споделам, целосно се опуштив. Читателите некогаш се охрабруваат да ме прашаат дали песните се посветени некому, но треба да се знае дека и кога се пишуваат љубовни стихови, не секогаш мора да се напишани за некој. Она што ме радува е тоа што моите песни им се блиски на читателите и на посетителите на „Љубење со стихови“, па гледам дека често јас и Филип умееме да измамиме насмевки, но и солзи на нашите настани.
Заедно со Филип Димкоски го организирате поетско музичкиот перформанс „Љубење со стихови“. Што ве поттикна да го формирате овој настан?
– Идејата за „Љубење со стихови“ се роди на кафе средба, на која јас и Филип разговаравме дека ни фали простор, па и рецитаторска секција, на која ќе може да рецитираме, но таа идеја тлееше повеќе од една година, за есента, 2023 година конечно да премине во реализација и да се случи првото „Љубење со стихови“, на заслугот за Св. Петка, во кафе галерија Лувр. Немавме никакви очекувања бидејќи знаевме дека тоа го правиме за личен ќеиф, од љубов кон пишаниот збор и пред сѐ, за ние да уживаме во стиховите што сме ги одбрале. На наше изненадување, уште на првото „Љубење со стихови“, местото беше преполно, како на луѓето да им фалел настан од таков тип во градот. Од тогаш, гледаме секое наредно „Љубење со стихови“ да се разликува од претходно. Традционално, едно правиме по повод Св. Трифун или Св. Валентин, во зависност кој што слави и уште едно, кон крајот на годината.


Вие и Филип го формиравте здружението „Зокум“, посветено на образованието, културата, литературата и уметноста. Што е целта на здружението и што ве инспирира да продолжите со вакви културни проекти?
– Целта на ЗОКУМ е да понуди алтернативни форми на образование, преку различни курсеви и работилници, кои ќе бидат организирани од страна на здружението. Засега, успешно се реализира курсот по градинарство, а се надевам дека до крајот на оваа година ќе понудиме и други курсеви и работилници за потенцијалните кандидати. Исто така, организираме настани посветени на културата и уметноста, почнувајќи од првиот настан, на кој гостин ни беше српскиот поет за деца, Власта Н. Цениќ, два перформанси „Љубење со стихови“ беа во организација на здружението, имавме настан на кој поделивме книги, а до крајот на годината планираме да организираме уште неколку културни настани. Во моментов, актуелен е конкурсот за децата од Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Крушево, на тема „Кој не сака пролет“, организиран по повод 110 годишнината од раѓањето на поетот Волче Наумчески. Бидејќи и јас и Филип, па и другите членови на ЗОКУМ сме големи ентузијасти, често се “залетуваме“, правејќи ја програмата на здружението, но активни сме колку што можеме, бидејќи секој од нас има професија која не е поврзана со ниту една од областите во кои здружението делува, образование, култура и уметност, како што вели и самото име ЗОКУМ.
За Нова година изведовте перформанс за деца во Крушево. Колку ви е важно литературата и културата да стигнат до најмладите?
– За Нова година, во Крушево го изведовме перформансот за деца „Патот на новогодишната елка“, кое е мое авторско дело, во кое на хумористичен начин, јас и Филип се расправавме околу елките, презентрајќи им на децата песнички, напишани од Филип Димкоски. За мене е многу важно да се доближат литературата и културата до децата и луѓето кои живеат во помалите градови, како Крушево бидејќи, за жал, на такви места ретко се прават промоции на книги и културни настани за деца. Потребна е децентрализација на културата бидејќи, гледаме и самите, дека најголем дел од културните настани се случуваат во главниот град, а луѓето од останатите места се жедни за вакви настани. Водена од тоа, направив промоција на книгата „Мачорот Тане“ во Ресен, која беше осмислена како роденден, на која и јас и дечињата од Ресен уживавме.
Како го гледате современиот македонски книжевен свет, особено од аспект на младите автори?
– За среќа, македонската книжевна сцена и тоа како е жива секојдневно следам и се радувам на нови дела од моите колеги по перо. Она што ми се допаѓа е што голем дел од авторите излегуваат од “затворените кругови“ во кои литературата е резервирана само за одредени лица и се трудат да ги доближат своите дела до сите читатели бидејќи читателот е најверодостоен судија за нечие дело. На авторите им фали поддршка од локалните центри за култура, од локалните компании, кои можат да ги поддржат нивните промоции барем со бомбони за почестување на гостите, им фали маркетинг, преку кој ќе ја наметнат потребата за читање на нивните дела. Можам слободно да кажам дека ни фалат книжевни каравани преку кои нашите дела ќе ги претставиме и во делови од државата кои ни се далечни, а тоа не може да го направиме без меѓусебна поддршка.
Што подготвувате за следно – нов роман, поезија или детска книга?
– Сѐ! Хаха! Поезија, најверојатно, би објавила во некоја далечна иднина, во збирка во која ќе ги селектирам моите омилени песни. Имам две готови новели и роман за деца, кои се надевам дека во скоро време ќе излезат отпечатени на хартија. Она што треба да излезе оваа година, на моја голема радост, а се надевам и на сите дечиња кои нетрпеливо чекаат да дознаат какви бељи направиле Тане, Астор и бандата црни мачки, е продолжеието на расказите за мачорот Тане, кое и овојпат ќе биде илустрирано од Калиопи Трпчева и издадено од Светулка.

















