ЛАПИДАРИУМОТ ВО ПРИЛЕП – КАМЕНА АРХИВА НА АНТИЧКИОТ ЖИВОТ И СЕЌАВАЊЕ

Сподели на социјалните мрежи

Во срцето на Прилеп, во рамките на НУ Завод и Музеј – Прилеп, лапидариумот се издвојува како простор каде археологијата не е само наука, туку и жива нарација за минатото. Преку внимателно селектирани и изложени камени споменици, овој музејски сегмент нуди редок увид во културниот, општествениот и духовниот свет на античките заедници од пелагонискиот регион.
За значењето на збирката, нејзините највредни експонати и пораките што ги носат до современиот посетител, разговараме со Оливера Јандреска, виш кустос и одговорна за лапидариумот.
Што е Лапидариум и што поседува Збирката „Епиграфски споменици и камена пластика?“
Во центарот на Прилеп, Лапидариумот како архива на неминливоста чува еден фасцинантен свет, во најголем дел исклесан во бел доломитски ситнозрнест мермер. Овој материјал, изваден од каменоломот Сивец, станал подлога на којашто античките мајстори ја запишале историјата на дериопскиот и пелагонискиот регион. Сите предмети потекнуваат од археолошки локалитети во прилепскиот регион, а од 2019 година се изложени во постојаната поставка – Лапидариум.
Збирката, која што постојано се надополнува, претставува исклучителен корпус на камени споменици коишто го опфаќаат периодот од антиката и ранохристијанскиот период, со доминација на наоди од римскиот царски период (I – III век). Станува збор за ретки примероци на надгробни и антропоморфни стели, епиграфски споменици, портретни бисти, од коишто особено значајна е портретната биста на Фаустина Помладата. Таа е претставена во облеката на Изида, моќната египетска божица, како персонификација на аноната (производството на жито) во II век. Овој спој ни кажува колку бил важен прилепскиот регион за исхраната на римската империја и како политиката и религијата се спојувале во едно.
Исто така, Збирката вклучува почесни и митолошки статуи, статуети, глави на мажи и жени, релјефни скулптури, вотивни релјефи, ари, архитектонска камена пластика, два сончеви часовника и три ретки примероци на античката метрологија, мерни маси.
Збирката опфаќа и антички епиграфски споменици? Што претставуваат тие?
Епиграфските споменици (натписите) сместени во Лапидариумот се најсигурен доказ кои биле жителите и какви јавни функции извршувале овие заслужни граѓани од пелагониските и дериопските антички населби. Иако Римјаните владееле овде, сепак имињата како: Александар, Филип, Антигон и Орест останале најпопуларни во овој регион. Ова зборува за силната македонска традиција која опстојувала и покрај новите правила на римската империја. Натписите зачувале и уникатни, локални (пајонски и дериопски) имиња кои не се среќаваат на друго место, како: Дропион, Местис и Маниос.

  • Оливера Јандреска – виш кустос
  • Дел од Лапидариумот


Каква била модата и статусот во антиката и што откриваат скулптурите?
Преку скулптурите, денес можеме да ги реконструираме социјалните слоеви на античкото општество. Станува збор за една „галерија на моќ и убавина“, претставена преку Химатиофори и Херкуланки. Химатиофорите (мажи облечени во наметката химатион) го демонстрирале достоинството и интелектуалниот статус на машките елити во античкиот период. Додека пак, Малите и Големите Херкуланки (типови на женски статуи именувани по наодите во Херкуланум) прикажуваат жени во елегантна облека, симболизирајќи ја чесноста и возвишеноста на пелагониските антички граѓанки.
Доколку ги погледнете портретните глави на мажите и жените, ќе забележите неверојатна прецизност во изработката на нивните фризури. Ова не било само суета, туку политички код. Начинот на кој жителите ја обликувале косата бил директна инспирација од римската династија на Антонините и Северите. Да се носи ваква фризура значело дека сте дел од „моќниот“ римски империјален свет и дека имате висока општествена позиција каде што живеете. Една фризура на граѓанин може точно да каже во кој период живеел и колку ги следел „модните трендови“.
Што може да се научи од античките надгробни стели?
Надгробните стели во збирката не се само погребни обележја, туку сложени симболички системи. Овие споменици служат како активатори на колективната меморија и визуелизација на идејата за живот по смртта, воспоставувајќи невербална комуникација меѓу гробот и гледачот. Карактеристична појава за Пелагонија се теоморфните стели (претворање на покојните во богови), прикажани како Афродита или Херакле, симболизирајќи приватна апотеоза или божествена трансформација. Застапен е и мотивот на „ракување со десната рака“ (dexiosis). Иако се појавува на погребни споменици, овој мотив во римскиот контекст е примарен симбол за цонцордиа (слога), особено во брачниот контекст (помеѓу сопружниците) или при склучување на политички и воени сојузи. „Dexiosis“ не е само поздрав; тој гест ја симболизира нераскинливата врска меѓу живите и мртвите или збогувањето пред патот во задгробниот свет. Надгробните стели ја пренесуваат идејата на задгробниот живот кај античките народи, нивните церемонии поврзани со погребувањето, како и со желбата да ја демонстрираат својата општествена моќ, токму преку вечноста на мермерот.

  • Мермерна антропоморфна пластика – Стибера – римски империјален период
  • Мерна маса, локалитет Лозје, село Дупјачани – римски империјален период

Како се тргувало во антиката?

Збирката поседува три ретки предмети на античката метрологија, односно мерни маси, кои биле симбол на пазарот и правдата во античкиот свет. Едната од трите мерни маса е пронајдена директно на агората (пазарот) во Стибера. Таа била подарок од агораномот (пазарен инспектор) Ајлиј Химнос, којшто на својот град му ги подарил официјалните мерила за да нема измами. Ова соопштува дека во антиката постоел строг ред – купувачите можеле да проверат дали трговците точно ги мерат производите. Овие камени блокови, со вдлабнатини, засега единствени пронајдоци во нашата земја, ни покажуваат дека античките граѓани исклучително ја ценеле точноста и јавната доверба.

Што претставува Лапидариумот и каква порака носи?

Лапидариумот не е само буден пазител на мермерни предмети. Тој е меморијата на луѓето од антиката кои намерно нивните ликови и животни приказни ги клесале во бел мермер за да останат бесмртни. Лапидариумот не е само збирка на предмети, туку е архива на едно време кога мермерот бил посредник (алатка), со која што луѓето во минатото комуницирале со вечноста.

Лапидариумот е повеќе од музејска поставка. Тоа е место на лични победи над смртта. Во време кога сè било минливо, старите жители на овој регион го избрале мермерот како свој гласник. Секој вклесан траг претставува еден живот којшто одбил да стане прашина, претворајќи го каменот во свое вечно живеалиште.

Фотографиите се од архивата на Музејот, а фотографиите на мермерните предмети се од авторот Андреј Златаноски.

  • Статуа на Химатиофор,, Моклиште, с. Витолиште, римски империјален период
  • Надгробна стела, Стибера, римски империјален период


Сподели на социјалните мрежи