„ДЕНОВИ НА КРАЛИ МАРКО“ ЗАПОЧНАА СО РАБОТИЛНИЦИ, ФИЛМСКИ ПРОЕКЦИИ И ПРОМОЦИИ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Со повеќе културни и едукативни содржини, вчера во Прилеп започна традиционалната манифестација „Денови на Крали Марко“, посветена на легендата, историјата и културното наследство што со векови го поврзуваат градот со ликот и делото на Крали Марко.
Во прекрасниот амбиент на црквата „Св. Никола“ во Варош, ученици од основните училишта учествуваа на ликовна работилница инспирирана од легендите и преданијата за Крали Марко. Преку својата креативност, најмладите испратија порака за важноста од негувањето и зачувувањето на традицијата и културното наследство.
Паралелно со оваа активност, во просториите на НУ Завод и музеј – Прилеп се одржа едукативната и интерактивна работилница „Балканскиот јунак Крали Марко“. Децата имаа можност да ја посетат изложбата, да дознаат повеќе за историското и легендарното значење на Крали Марко, но и да учат и да се забавуваат преку интерактивни содржини, игра и дружење.
Во рамките на манифестацијата, во Варош се одржа и фестивалот на планински филм „ЕХО патува – во Прилеп“, кој привлече љубители на филмската уметност, природата и авантуристичкиот дух. Публиката имаше можност да проследи внимателно избрани филмски проекции од програмата на фестивалот, кои носат приказни за планините, природата, човековата издржливост и авантурите.
Како дел од вечерната програма беше реализирана и промоција на две книги, со што манифестацијата доби дополнителна културна димензија и понуди содржини за различни генерации посетители.
Програмата на „Денови на Крали Марко“ продолжува и утревечер (17.5.2026 – недела) со концерт на легендарниот македонски бенд Мизар – „Седмо откровение“, кој ќе се одржи во Амфитеатарот во Варош со почеток во 20:00 часот.


Сподели на социјалните мрежи