Во Битола, во организација на НУ Центар за култура-Битола, беше отворена 51. Државна изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“.
Годинава стручната жири-комисија селектираше 432 детски творби од 41 колекција на основни училишта од повеќе градови низ државата. Изложбата уште еднаш ја потврди креативноста на младите автори, кои преку цртежи инспирирани од народната носија, музика, архитектура, обичаи и традиција ја претставија својата визија за културното наследство.
Настанот беше отворен од претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, а присутните имаа можност да проследат богата поставка од детски дела во кои традицијата е претставена низ современ детски уметнички израз.
Директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, посочи дека изложбата претставува значајна потврда за неисцрпната креативност и уметничка имагинација на најмладите творци, додека Валентин Соклевски ја истакна долгогодишната традиција и значењето на оваа манифестација, која повеќе од пет децении го негува спојот меѓу народната култура и детското творештво.
Согласно традицијата, на учесниците им беа доделени признанија и награди, а специјално признание за четири последователно освоени награди за најдобра колекција добија ООУ „Димче Ангелов-Габерот“ и ООУ „Никола Карев“.




















