Во кино салата „Мис Стон“ во Прилеп, на 28 мај 2026 година (четврток), со почеток во 19 часот, ќе се одржи настан посветен на ликот и делото на Дарко Дамески, по повод 55 години од добивањето на престижната награда „Златна арена“.
Според програмата, пристигнувањето на гостите е предвидено за во 19:00 часот, а официјалниот дел ќе започне во 19:30 часот со обраќање на претседателот на Ротари клубот, Орде Ѓорѓиоски. Пред присутните ќе се обратат и раководителот на НТП „Војдан Чернодрински“, Михајло Миленкоски, како и Симеон Мони Дамески, син на Дарко Дамески.
Во рамки на настанот ќе биде отворена изложба, а ќе биде прикажан и омаж за Дарко Дамески, изработен од Горан Марковски. Предвидена е и проекција на филмот „Црно семе“, за чија улога Дарко Дамески ја добил наградата „Златна арена“ на фестивалот во Пула.
Настанот е поддржан од Ротари клубот од Прилеп. Идејата и иницијативата за изложбата се на Саша Шотаровски, додека плакатот и поканите ги изработи неговата внука Бојана Чаминска Тиноко.















