УМЕТНОСТА КАКО СВЕДОШТВО ЗА ВРЕМЕТО: РАЗГОВОР СО ЕЛЕНА ДИМОСКА НИКОЛОСКА

Сподели на социјалните мрежи

Во време кога уметноста сè почесто ги преминува границите меѓу медиумите и просторот, младата прилепска ликовна уметница Елена Димоска Николоска создава дела што зборуваат за теми блиски до секојдневието – миграцијата, празнината, природата и идентитетот. Таа е магистер по ликовна уметност, наставник по ликовно образование во ООУ „Блаже Конески“ во Прилеп, но и активен културен двигател во градот. Покрај својата уметничка работа, го води и атељето „Артика“, каде што организира курсеви за сликање за деца и возрасни, а заедно со сопругот ја создава и малата кафе-галерија „Лувр“, простор што често станува место за културни средби, изложби и книжевни промоции.
Нејзините дела се движат меѓу фотографијата, скулптурата и просторната инсталација, истражувајќи ги односите меѓу присуството и отсуството, природата и човекот. Во разговор за нашиот портал, Елена Димоска Николоска зборува за својата уметничка инспирација, за работата со учениците, но и за потребата уметноста да биде искрен и внимателен разговор со времето во кое живееме.
Кога започна Вашиот интерес за ликовната уметност и кога почувствувавте дека тоа ќе стане Ваш животен пат?
Интересот за ликовната уметност го имам уште од детството. Цртањето и создавањето отсекогаш беа мој природен начин на изразување. Талентот ми е наследен фамилијарно, а со текот на студиите на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје и работата со уметноста, сфатив дека она што го избрав не е само интерес и професија, туку токму животен пат.
Во Вашата работа комбинирате повеќе медиуми – сликарство, фотографија, скулптура и просторни инсталации. Што Ви овозможува ваквиот мултимедијален пристап?
Мултимедијалниот пристап овозможува поголема слобода во изразувањето на идеите. Секоја тема бара различен визуелен јазик, па понекогаш фотографијата може да ја долови реалноста на еден начин, сликата на друг, додека скулптурата или инсталацијата, или комбинацијата од повеќе медиуми создава посилно просторно и симболично искуство. Комбинирањето на медиуми ми помага подобро да ја раскажам приказната што стои зад делото.
Магистерскиот проект „Пополнување на празнината: парадоксот на отсуството преку присуството“ се занимава со темата на миграцијата. Од каде произлезе потребата да ја обработувате токму оваа тема?
Проектот „Пополнување на празнината: парадоксот на отсуството преку присуството“, покрај феноменот на миграцијата ги третира и причините кои довеле до истата. Темата за миграцијата произлезе од секојдневната реалност што ја гледам околу себе. Како наставник, секоја година сведочам на тоа како ученици и нивните семејства заминуваат од земјата. Тоа создава чувство на празнина – во училиштата, во градовите, но и во личните приказни на луѓето што остануваат. Овој проект е обид визуелно да се истражи таа празнина и парадоксот на присуството на оние што физички недостасуваат, како и симболично, а со надеж и вистинско нивно враќање назад каде што припаѓале.
Скулптурата „Јоцо“, која настана во рамките на тој проект, има силна симболика. Што претставува таа за Вас?
„Јоцо“ претставува симбол на поединецот зад статистиката на миграцијата. Наместо апстрактна бројка, таа претставува конкретна човечка приказна – некој што заминал, но чие присуство сè уште се чувствува. Преку оваа скулптура сакав да ја нагласам емотивната и човечката страна на темата но и со неа симболично, а и физички да го пополнам празното столче во училницата.
Работите како наставник по ликовно образование. Колку работата со учениците влијае врз Вашата уметност и инспирација?
Работата со учениците секако дека има големо влијание врз мојата уметност. Нивната искреност, слобода во размислувањето и креативност често ме потсетуваат на суштината на создавањето. Воедно, училиштето е место каде што секојдневно се среќавам со различни приказни и искуства, кои често стануваат извор на инспирација.
Го водите и атељето „Артика“, каде што работите со деца и возрасни. Колку е важно луѓето, без разлика на возраста, да имаат простор за креативно изразување?
Мислам дека креативното изразување е важно за сите возрасти. Уметноста не е само професија, туку и начин човек да се поврзе со себе и со светот. Атељето „Артика“ постои од 2021 година и го водам заедно со мојот соработник Методи Исков. Во тој простор веќе пет години создаваме уметност, тоа е место каде што луѓето и децата можат и слободно да експериментираат, да го развиваат талентот, да учат и да уживаат во процесот на создавање.
Заедно со сопругот ја создадовте кафетеријата „Лувр“, која често станува мал културен простор со изложби и книжевни настани. Како се роди идејата за ваков концепт?
Идејата за „Лувр“ произлезе од нашата желба да се создаде место каде што уметноста и секојдневниот живот ќе се сретнат. Сакавме простор во кој луѓето ќе можат да се дружат, но истовремено да бидат опкружени со уметност – изложби, поетски читања и разни културни и уметнички настани. Така кафетеријата постепено се претвори во мал културен центар.
Се занимавате и со фотографија. Што Ви нуди фотографијата како медиум во однос на другите ликовни форми?
Фотографијата не е моја професионалност и примарен медиум, но секако дека ми овозможува директно да ја документирам реалноста и моментот. Таа често служи како почетна точка за подлабоко уметничко истражување, особено кога работам на теми поврзани со простор, време и општествени промени. Но некогаш, во споредба со другите медиуми, фотографијата има посебна моќ да го задржи моментот и да го претвори во визуелен сведок на времето и сама по себе е доволна за да ја раскажи приказната.
Какви се Вашите планови и на што работите во моментов?
Во моментов продолжувам да работам на проекти поврзани лични и општествени промени. Ми претстои самостојна изложба, а активно подготвуваме и изложбата на членовите на „Ателје Артика“, која ќе се одржи во мај годинава, во Ликовната галерија при центарот за култура „Марко Цепенков“.


Сподели на социјалните мрежи