ПРИЛЕПСКИТЕ ПОЕТИ СО УСПЕШЕН НАСТАП НА XI МЕЃУНАРОДНА ПОЕТСКА МАНИФЕСТАЦИЈА „ОХРИДСКИ ПОЕТСКИ БИСЕР 2026“

Сподели на социјалните мрежи

Членовите на Клубот на литературни творци – Прилеп остварија успешен настап на XI Меѓународна поетска манифестација „Охридски поетски бисер 2026“, која се одржа на 27 јуни во манастирскиот комплекс „Пресвета Богородица“ во селото Калишта, Струга.
На годинашната манифестација со свои поетски творби конкурираа повеќе членови на клубот, а седум автори беа избрани за учество во официјалната програма. Прилеп го претставуваа Тони Павлески, Снажана Паноска, Менче Кадинец, Весна Шереметкоска, Божана Тренческа, Анита Тинтоска и Дана Тембелеска.
Особен успех постигнаа Божана Тренческа и Менче Кадинец, кои во категоријата „македонски поети“ ја поделија наградата за трето место, за своите поетски творби, со што уште еднаш беше потврден квалитетот на прилепското поетско творештво.
Меѓународната поетска манифестација „Охридски поетски бисер“ традиционално обединува автори од Македонија и од странство, овозможувајќи простор за промоција на современата поезија, културна размена и афирмација на литературата.
Учеството на прилепските литерати и освоеното признание претставуваат значаен успех за Клубот на литературни творци – Прилеп и уште една потврда за нивната активна и континуирана работа.


Сподели на социјалните мрежи