„КАКО ДИШАМ ЈАС“ – СЕРГЕЈ НАСТЕСКИ СО КОНЦЕРТ НА НАРОДНИ ИНСТРУМЕНТИ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Љубителите на македонската традиционална музика во среда, 8 јули, ќе имаат можност да проследат концерт на народни инструменти со наслов „Како дишам јас“, кој ќе се одржи на Камената бина во Прилеп, со почеток во 19:30 часот.
Концертот е лична иницијатива на Сергеј Настески, млад музичар од Прилеп и студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Настанот се реализира со поддршка на проф. д-р Марјан Јанкоски, професор по народни инструменти на Факултетот за музичка уметност.
Заедно со Настески на сцената ќе настапат неговите колеги од Факултетот за музичка уметност – Дарио и Мила Тренески, Антонио Трајкоски, Теодор Стојковски, Петар Коштрески, Калина Антовска и Славица Томова, а во концертната програма ќе се вклучат и членови на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп, кои со своите настапи ќе придонесат за автентично претставување на македонската музичка традиција.
Целта на концертот е на академски и професионален начин да се промовира богатото македонско музичко наследство, да се доближи традиционалната музика до пошироката публика и да се афирмираат младите музичари кои се посветени на нејзиното зачувување и негување.
Публиката ќе има можност да ужива во богата програма составена од народни песни, инструментални композиции и ора. На репертоарот се делата „Како дишам јас“, „Патруно моме“, „Единаесетка“, „Велигденско“, „Поле широко“ – (машка песна), „Драчевка“ -(женска), „Стојане, луда делијо“, Сплетот ора: „Ратевка – Ситна лиса“, „Излегу да се рашета“, „Осоговка“, „Дека ти е, Тинке“, „Црна се чума“ и „Белина“.
Сергеј Настески е роден во Прилеп, каде што го завршил основното образование во ООУ „Кочо Рацин“, а паралелно музичкото образование го стекнал во ОМУ „Ордан Михајлоски – Оцка“. Средното музичко образование го продолжил и завршил во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип, а денес е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што го продолжува своето музичко и професионално усовршување.
Во текот на своето образование има освоено повеќе од 20 први награди, три специјални награди и една награда „Лауреат“ на државни и меѓународни натпревари. Покрај студиите, редовно настапува во значајни културни институции и учествува на концерти и меѓународни фестивали како член и соработник на повеќе културно-уметнички друштва, претставувајќи ја македонската музичка и културна традиција пред домашната и странската публика.
Со концертот „Како дишам јас“, младиот прилепски музичар сака да покаже дека македонската традиционална музика има свое значајно место и денес, нудејќи ѝ на публиката вечер исполнета со автентични звуци, виртуозни изведби и почит кон богатото македонско музичко наследство.


Сподели на социјалните мрежи